Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
После нешто над три часа тениска битка на теренот, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ со резултат 3:0 во сетови (7:6,6:3,7:5) го победи Норвежанецот Каспер Руд во финалето на „Ролан Гарос“ со што и официјално стана најдобар играч на сите времиња во тенис, освојувајќи го рекордниот 23-тиот Грен Слем пехар.
Ѓоковиќ лошо го започна финалниот натпревар, но брзо се консолидираше и стигна до водство во првиот сет, кој воедно беше и најдолг, односно траеше околу еден час и дваесетина минути. Потоа, рутински, ги освои и следните два сета и го освои турнирот во Париз, Франција.
Со денешната победа, Ѓоковиќ се запиша во историјата на тенисот бидејќи ја освои 23-тата Грен Слем титула во неговата кариера, со што изби на врвот на тенискиот спорт. Зад него со 22, односно 20 титули остануваат Рафаел Надал и Рожер Федерер, но засега делува дека врвот е недостижен бидејќи Надал најави пензија, додека пак Федерер одамна е пензиониран.
Ѓоковиќ стана најстариот освојувач на Ролан Гарос а пехарот го подигнува по трет пат. Воедно, тој е на добар пат да ги освои сите 4 Грен Слем титули во една година, бидејќи зимава го освои Австралија опен, а до крајот на календарската година му преостануваат уште Вимблон и Американ Опен.
Со оваа победа, Ѓоковиќ се врати и на водечката позиција на АТП листата, каде што досега беше неговиот опонент во полуфиналето Карлос Алкараз.