Фрапантни бројки: 38 доктори на науки и 863 магистри се невработени во Македонија


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Триесет и осум доктори на науки и 863 магистри уште се во потрага по работа во земјата, каде што, според последните статистички податоци, стапката на невработеност е 22,6 отсто. Покрај овие високообразовани кадри, во Агенцијата за вработување се евидентирани 96.728 невработени лица, на кои им се нудат приближно осум илјади работни места огласени преку оваа институција.

Меѓу оние што бараат работа, повеќето се без образование, 41.884 лица, 28.043 се со завршено средно, а работа бараат и 12.054 лица што завршиле факултет.

Од понудата на работни места најмногу се во трговијата на мало и големо, па во преработувачката индустрија и градежништвото. Работодавците најмногу бараат продавачи, хигиеничари на станбен и деловен простор, шивачи и келнери.

Како најголем, Скопскиот Регион нуди и најголем број слободни работни места – повеќе од половината. Следуваат Тетово, Штип, Битола и Куманово.

Стапката на невработеност од 22,6 отсто укажува на тоа дека Македонија сè уште има мошне висока невработеност, а се смета дека, меѓу другото, една од причините е и неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на пазарот на трудот, која е присутна подолго време.

„Изборот на образование е индивидуално право на секој поединец и при носењето одлука каде да се продолжи со образованието, секогаш треба да се има предвид и можноста да се најде соодветна работа по завршување на процесот на формално образование, односно да се има предвид реална потреба од таков образовен профил на пазарот на трудот“, посочуваат од Агенцијата.

Од анализите на Агенцијата, преработувачката индустрија и во наредниот период ќе бара најмногу нови работници. Најбарани ќе бидат програмерите, машинските инженери, градежните инженери, економистите, докторите по општа медицина и информатички инженери. Со средно образование најбарани ќе бидат комерцијалисти, техничари за помош на корисници, фармацевтски техничари и електротехничари, а истовремено ќе се бараат и шивачи, продавачи, оператори на полуавтоматска машина, градежни работници, возачи на камиони и келнери.