Франц Кафка – „ПРЕД ЗАКОНОТ“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Пред законот стои еден чувар. Кај овој чувар доаѓа еден човек од село и го моли да влезе во законот. Ама чуварот му вели дека сега не може да му дозволи да влезе. Човекот размислува и потоа прашува дали, значи, ќе смее да влезе подоцна. „Можно е“, вели чуварот, „ама не сега“. Бидејќи портата кон законот како секогаш стои отворена, а чуварот се тргнува настрана, човекот се наведнува за преку портата да погледне во внатрешноста. Кога чуварот го забележува тоа, се смее и вели: „Ако толку те привлекува тоа, сепак обиди се да влезеш внатре и покрај мојата забрана. Ама, запомни: јас сум моќен. А јас сум само најдолниот чувар. А од една сала во друга стојат чувари, кој од кој помоќен. Изгледот на третиот не можам да го поднесам дури ни јас.“ Човекот од село не очекувал вакви тешкотии; сепак законот треба да му биде достапен секому и секогаш, си мисли тој, ама кога сега повнимателно го погледнува чуварот во крзненото палто, неговиот голем, тенок нос, долгата, тенка, црна татарска брада, се одлучува сепак да причека додека да добие дозвола за влегување. Чуварот му дава едно столче и му дозволува да седне понастрана од вратата. Тој седи таму со денови и со години. Многупати се обидува да го пуштат внатре и го уморува чуварот со своите молби. Чуварот честопати организира мали сослушувања со него, го испрашува за родниот крај и за многу други нешта, но тоа се рамнодушни прашања какви што поставуваат големите господа, а на крајот постојано му вели дека сè уште не може да го пушти. Човекот, кој за своето патување се снабдил со многу нешта, користи сè, нека чини колку што сака, за да го подмити чуварот. Овој, вистина, зеде сè, ама притоа вели: „Го земам ова за да не помислиш дека си пропуштил да сториш нешто“. Во текот на многуте години човекот скоро непрекинато го набљудува чуварот. Тој ги заборава другите чувари и овој првиов му се чини единствена пречка за пристап до законот. Тој го проколнува несреќниот случај, првите години безобѕирно и гласно, а подоцна, кога остарува, само ќе промрмори уште нешто. Станува детинест и, бидејќи по долгогодишното студирање на вратарот ги препознава и болвите во неговата крзнена јака, ги моли и болвите да му помогнат и да го премислат чуварот. Најпосле, виделото му ослабува и тој не знае дали околу него навистина се смрачува или само го мамат очите. Ама, сега тој веројатно во темнината препознава некаква светлина што незгасливо се пробива од вратата на законот. Сега веќе не живее долго. Пред смртта, сите искуства од целото време, му се собираат в глава во вид на прашање што досега уште не му го имаше поставено на чуварот. Му мавнува, бидејќи веќе не може да го исправи вкочанетото тело. Чуварот мора длабоко да се наведне кон него, бидејќи разликата во големина многу се има променето на штета на човекот. „А што сакаш сега уште да знаеш?“, прашува чуварот, „ненаситен си“. „Па сите се стремат кон законот“, вели човекот, „како тоа во текот на толку години никој освен мене да не бара пристап?“ Чуварот увидува дека човекот е при крај и, за да може да го чуе, бидејќи е оглувен, му се развикува: „Овде не можеше да добие пристап никој друг, затоа што овој влез беше определен само за тебе. Јас сега си одам и го затворам“.

Извор: Франц Кафка – „Преобразба“, раскази

издавач: КСЦ/Полица