Филипче и Комисијата за заразни болести предлагаат воведување вечерен полициски час


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Првиот човек на македонското здравство, министерот Венко Филипче, на предлог на Комисијата за заразни болести, денеска му предложил на Главниот координативен кризен штаб на Владата воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територијата на целата држава, заради спречување на ширењето на коронавирусот, информира Министерството за здравство. Комисијата дополнително ќе се произнесе кој ден да почне полицискиот час и до кога да трае. Владата на утрешната седница треба да го разгледа ова барање, пренесува Слободна европа.

Бројот на заразени од коронавирус веќе месец и половина расте и за 40-тина дена просечниот дневен број на заразени е зголемен за 2,5 пати. Неготино и Гевгелија, коишто во моментов се најголеми жаришта, веќе побараа Главниот координативен штаб на Македонија да им дозволи да воведат полициски час ноќно време.

По ноемврискиот бран, бројот на заболени постојано се намалуваше и на 20 јануари се спушти под 250 случаи дневно во просек, но оттогаш постојано расте, прво побавно, а во изминативе 20 дена забрзано и просечниот број на новозаразени дневно надмина 600 луѓе. Над 70 отсто од новите случаи се од британскиот сој на коронавирусот, кој полесно се шири.

Министерот за здравство Венко Филипче, пак, во саботата рече дека во ниеден град не се исполнети условите да се препорача ограничување на движењето, но оти ситуацијата се следи. Денеска, пак, е предложено воведување полициски час во целата земја.

„Министерот образложи дека овој предлогот на Комисијата е поради тоа што изминативе недели најмногу инфицирани има поради трансмисија на вирусот преку собири, но и непочитување на воведените мерките за носење заштитна опрема, држење дистанца и негрупирање. Анализите на Комисијата утврдиле дека поради непочитување на мерките, ќе има нови случаи на заразени, но и зголемен број на хоспитализирани, од таа причина Комисијата смета дека една ваква ригорозна мерка ќе има ефект“, стои во соопштението на МЗ.

Микробиологот, професор Никола Пановски вели дека ја поддржува оваа мерка. Тоа би требало да го намали ширењето на вирусот, а нема многу да ѝ наштети на економијата, вели тој.

„Јас таа мерка ја предлагав уште од октомври, меѓутоа тогаш не се прифати иако имаше и повеќе случаи, од аспект што таа не влијае директно, драстично на економијата, а колку ќе спречи ќе видиме. Бидејќи е потопло времето, веројатно се смета дека се собираат луѓето, особено помладите надвор и после 22 часот. Да се спречи, помладите кои остануваат навечер, особено за викендите, да ја носат инфекцијата дома кај поризичните групи“, вели Пановски.

Најголемо жариште на болеста е Скопје, а најинтензивни жаришта во изминатите недели се Неготино, Кавадарци и Гевгелија. Во Неготино во изминатите две недели има четири пати повеќе заразени по жител од државниот просек, во Кавадарци три пати повеќе, а во Гевгелија 2,5 пати повеќе од просекот.

Во моментов во земјава има над 9200 заболени од коронавирус, а скоро 3200 луѓе досега починаа од болеста.