Фајзер обвинет дека платил експерти да ја дискредитираат вакцината на АстраЗенека против Ковид-19 – компанијата ги негира наводите

Фармацевтската компанија Фајзер е обвинета дека платила експерти за да ја дискредитираат вакцината против коронавирус на конкурентската компанија Астра Зенека, објави британскиот „Канал 4“ во еден прилог.

Фајзер наводно финансирал презентација во која говорниците тврделе дека вакцината на Астра Зенека може да предизвика рак, како и дека не е безбедна за имунолошки загрозени пациенти. Изјавата наводно била дадена на едукативен семинар во Канада минатата година, но не се знае колку такви презентации имало и дали се работи за изолиран настан.

„Фајзер“ ги негираше овие обвинувања, посочувајќи дека презентацијата „лажно му е припишана“ на Фајзер, односно дека била организирана од трета страна.

Друг интересен факт од истрагата е дека трошоците за производство за дозите на вакцината на Фајзер наводно чинат само 76 пени по инјекција. Со оглед на тоа што Фајзер наплаќа 25 евра по доза, тоа претставува маржа од 3.000 проценти во однос на производната цена.

Фајзер наведе дека проценките се „крајно неточни“ и дека не се земени предвид клиничките истражувања, масовното производство, како и глобалната дистрибуција.

Професорот сер Ендрју Полард, директор на групата од Оксфорд која ја разви вакцината Астра Зенека, ги отфрли тврдењата и предупреди на опасностите од ширење дезинформации за вакцината.

– Постои огромен ризик од дезинформации, бидејќи сè што ги тера луѓето да се двоумат околу вакцинацијата може да ги доведе нивните животи во ризик, рече тој.

– Тоа може да ги поткопа и да влијае на одлуките на луѓето за сопственото здравје, но исто така може да создаде несигурност за креаторите на политиката, пишува „Дејли мејл“.