Актуелно

Еве што може Владата најитно да направи за да го намали аерозагадувањето!

Откако во Македонија се рушат сите граници во загадување со ПМ честички, а македонските градови се неприкосновени шампиони во светски рамки, се поставува прашањето што може Владата итно да направи за да го реши проблемот.

Бидејќи овој проблем трае со години и се повторува секоја зима, очигледно е дека најголем причинител за аеро загадувањето е огревот со дрва и друго цврсто гориво (јаглен, пластика, гуми и разно ѓубре) во домаќинствата, кое ја труе целата околина.

Точно е дека и автомобилите и фабриките/ погоните загадуваат, но празничните денови кои воглавно беа неработни, а во кои граѓаните поретко се возеа со автомобили покажуваат дека сепак огревот со дрва и друго цврсто гориво е главен причинител за аерозагадувањето.


И додека разни комисии со години заседаваат, гасификацијата воопшто не е на повидок, а министерството за екологија нема досега адекватно решение за аерозагадувањето кое ги труе граѓаните, се поставува реално прашање што може Владата да направи најитно за да го намали загадувањето?

Ако според експертите најголем причинител е загревањето со (влажни) дрва, јаглен и друго цврсто гориво во домаќинствата, логично е дека треба да се поттикне користењето на друга поеколошка енергија (клима уреди, пелети).

Но, домаќинствата не се откажуваат од огревот со дрва, бидејќи реално тој е поевтин и лесно достапен, а самото трансферирање на друг греен систем би чинело дополнителен трошок, кој многу домаќинства не можат да си го дозволат.


Затоа, најлесен начин за да се поттикне користењето на печка/котел со пелети, или пак греење со клима уреди, топлински пумпи, кои се далеку поефикасни е Владата да се откаже од сите даноци и други давачки кои ја зголемуваат крајната цена на овие опции, со што тие ќе станат поатрактивни и подостапни.

Така, на пример според одредени анализи, моментално поевтино од греењето со дрва е само користењето на топлински пумпи или клима уредите во помали станови/простории, додека користењето на пелети е поскапо.


Бидејќи топлинските пумпи се реално поскапа инвестиција, како и печките, односно котлите на пелети, Владата треба итно да се откаже од даноците и сите вклучени давачки за производство/монтажа на ваквите поеколошки системи на греење, како и данокот на самите пелети.

Може да се размисли и за стимулирање преку субвенционирање на оние домаќинства кои ќе се откажат од своите печки/котли на дрва/јаглен, со цел замена на поеколошки системи на греење, по принципот старо за ново.

Така, поеколошките системи на греење ќе станат подостапни, ќе се намали легалната и нелегалната сеча на шумите во Македонија, градовите ќе станат многу понезагадени, а народот ќе има можност со поевтин буџет да ја помине зимата.

Пишува: Костадин Стојаноски

Advertisements
To Top