ЕУ ќе воведе пакет тешки санкции директно за Путин и Лавров – Русија ги задржува економските врски со централноазиските земји


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Европската Унија ги договори „досега најтешкиот“ пакет санкции против Русија откако руската војска ја започна инвазијата во Украина, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер.

Тој рече дека целта на овие санкции се директно претседателот Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Ова е најголемиот пакет санкции“, објасни австрискиот канцелар и рече дека казнените мерки ќе ѝ нанесат тежок удар на руската економија.

Сепак, попладнево австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг рече дека Брисел нема да воведе забрани за патување на двајцата функционери, со што би им било забрането да го посетуваат 27-члениот блок.

„Европската Унија ќе ги замрзне банкарските сметки на рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, но нема да издаде забрана за патување“, изјави Шаленберг.

„Нема да има забрана за патување против нив бидејќи сакаме да ја задржиме можноста за преговори со цел да му се стави крај на насилството во Украина“, рече Шаленберг по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево официјално ги усвоија своите одлуки за санкции против Русија, кои синоќа ги договори Европскиот совет.

Санкциите ги вклучуваат финансискиот сектор, енергетскиот и транспортниот сектор, стоките со двократна намена, како и контролата и финансирањето на извозот, визната политика и дополнителни списоци на руски поединци и нови критериуми за ставање на тие листи.

Украина и некои земји-членки на ЕУ побараа да се оди чекор понатаму и да се исфрли Русија од меѓународниот платен систем СВИФТ или да се забрани увозот на нафта. Но ваквата одлука не беше донесена бидејќи Франција, Германија и Австрија оценија дека тоа ќе ѝ наштети на самата Европа и се залагаа за постепен пристап кон санкциите.

„Вториот бран санкции со масовни и тешки последици беше политички договорен синоќа. Дополнителниот пакет е во итна подготовка“, напиша претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Твитер.

Претседателот на Европскиот совет рече дека бесмисленото страдање и загубата на цивилни животи мора да престанат и дека Европа стои покрај народот на Украина и ќе продолжи да дава поддршка.

Во текот на денот преку видеоконференција ќе се одржи и вонреден состанок на лидерите на НАТО. На маса е процената на безбедносните ризици за земјите-членки и зајакнувањето на воените капацитети на источното крило на Алијансата.

Во меѓувреме, рускиот претседател Владимир Путин, премиерот Михаил Мишустин и претседателката на Советот на федерацијата Валентина Матвијенко разговарале за меѓусебните односи со лидерите на три централноазиски земји поради санкциите воведени кон Русија од Западот поради нејзината агресија врз Украина.

Прес-службата на Кремљ соопшти дека Путин имал телефонски разговори со узбекистанскиот претседател Шавкат Мирзијоев за билатералните односи и тековната ситуација во Украина, каде што руските воени сили продолжуваат со нападите врз воените единици на украинските вооружени сили што ги започнаа претходниот ден.

„Шавкат Мирзијоев изрази разбирање за активностите преземени од руската страна“, соопштија од прес-службата.

Неколку часа претходно, казахстанската претседателска служба соопшти дека казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев и рускиот премиер Михаил Мишустин разговарале за начините за зачувување на меѓусебните економски врски и трговија во услови на наметнати санкции од Западот кон Русија.

Токаев и Мишустин, меѓу другите прашања, разговарале за „заедничките напори да се спречи намалувањето на трговијата меѓу двете нации во услови на ескалација на ситуацијата во Украина и меѓународните санкции што се воведуваат кон Русија“, соопшти претседателската прес-служба.

Мишустин пристигна во главниот град на Казахстан, Нур-Султан, еден ден претходно за да учествува на седницата на Евроазискиот меѓувладин совет.

Денеска и Матвијенко разговараше за трговските и економските врски со највисоките претставници на Таџикистан, во Душанбе.

Матвиенко изјави дека во 2021 година обемот на трговијата меѓу двете земји се зголемил за 45 отсто и достигнал повисоко ново отколку пред пандемијата. Матвиенко, исто така, рече дека Русија ќе воведе санкции против Западот на реципрочен начин бидејќи „и западот има и многу чувствителни страни“.

Според Матвиенко, се очекува Путин наскоро да допатува во официјална посета на Душанбе, без да прецизира конкретен датум.

Дискусиите за односите меѓу Русија и трите централноазиски земји се одржуваа откако лидерите на Европската унија се согласија да воведат дополнителни санкции против Русија за кои велат дека ќе имаат „масивни и тешки последици“ како одговор на „варварската“ инвазија на рускиот претседателот Владимир Путин на Украина.

Вчера американскиот претседател Џо Бајден објави уште една рунда остри санкции на САД против Русија поради воената агресија врз Украина.