Етничката припадност во личните карти предизвика групирачки потреси и во власта и во опозицијата


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Разногласие меѓу партиите во опозицискиот табор, но и во коалицијата на СДСМ предизвикаа предложените измени во Законот за лични карти кои до парламентот ги достави владејачката партија Беса, а со кои, меѓу другото, се предвидува во документот за идентификација да стои и етничката припадност на македонските граѓани, пишува 360 Степени.

Додека опозициската коалиција „Алијанса за Албанците/Алтернатива“ дава поддршка за предлогот на Беса, Левица се обидува да го блокира неговото донесување со над 1.200 амандмани.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, ја условува поддршката со прифаќање на единствениот амандман што го поднесе, а кој всушност е во колизија со главната причина за внесување на етничката припадност во личните карти. Тоа е договорот што СДСМ го постигна во претходниот собраниски состав со тогаш опозициската партија Беса за нивните пратеници да ги поддржат уставните амандмани што произлегоа од Преспанскиот договор.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, потврдил за „360 степени“ дека единствениот амандман што го поднесе ВМРО-ДПМНЕ предвидува старото уставно име на државата „Република Македонија“ да остане во личните карти во периодот до кога е предвидено да трае имплементацијата на Преспанскиот договор. Тоа би значело до 2024 година, со оглед на предвидените пет години за спроведување на овој дел од Преспанскиот договор, кој стапи во сила на почетокот на 2019 година.

Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, пак, ни изјави дека измените во Законот за лични карти, всушност, се и за усогласување со Уставот, така што предвидуваат и промена на името на државата, согласно Преспанскиот договор. Друга причина, како што вели, е усогласување на овој закон со измените во Законот за прекршоци.

И додека во Собранието сѐ уште се преведуваат и се ставаат во систем над 1.200 амандмани на предлог-законот за лични карти, што ги поднесе Левица, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера изјави дека, и покрај поддршката за внесување на етничката припадност во личните документи, пратеничката група на неговата партија нема да гласа „за“ доколку не биде прифатен единствениот амандман што го поднесе.

Од „другата страна“, пак, досега двајца претседатели на партии кои се дел од коалицијата на СДСМ искажаа резерва кон предложените измени, оценувајќи дека се спротивни на граѓанскиот концепт на општеството.

„Со јакнењето на ‘етничкиот’, наместо на граѓанскиот суверенитет, се доведува во прашање демократскиот карактер на државната власт. Отстапувајќи од Уставот, кој предвидува изградба на општество на рамноправни граѓани, нашето општество повеќе добива особини на еден конгломерат на етнички колективитети кои повеќе водат грижа за сопствените потреби и специфики, отколку за заедничките интереси на македонското општество“, напиша на својот фејсбук-профил претседателот на НСДП, Тито Петковски забележувајќи дека самата идеја и периодот во кој се родила уште еднаш го потврди раширеното уверување дека во земјава сѐ уште нема ниту интелектуална ниту политичка елита способна да одговори на предизвиците на времето, потребите на граѓаните и долгорочните интереси на државата.

Претходно, пратеникот Павле Трајанов, кој е претседател на Демократскиот сојуз, за Дојче веле изјави дека на ниту еден граѓанин досега не му било ускратено правото да ја искаже својата етничка припадност. Но дека барањето за нејзиното декларирање во лична исправа отвора други аспекти.

„Тоа навидум е право на определба на граѓаните, но во суштина е нагласување на етничката припадност, односно можност за поделба по етничка основа, поларизација и поразличен третман. Овој податок што ќе се внесува во личната карта ќе значи и можност за пребројување по етничка припадност и поделби по таа основа, затворање во етнички гета, поделби, расправии, нетрпеливост на етничка основа. Во иднина може да се бара и религиска определба да се впишува во личната карта, но и други карактеристики и обележја за секој поединец или колективитет“, предупредува Трајанов.

Но и покрај разногласието во таборите и на парламентарното мнозинство и на парламентарната опозиција, проценките се дека донесувањето на измените на Законот за лични карти нема да претставува проблем откако ќе заврши амандманската расправа, што, сепак, се очекува да трае подолго, со оглед на бројот на поднесени амандмани. Потоа, за донесување на законот, е потребно обично мнозинство, од најмалку 41 глас, како и Бадентерово мнозинство, што не би било проблем да се обезбеди.