Ердоган ја прекинува вонредната состојба во Турција


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Реџеп Тајип Ердоган и лидерот на Партијата на националното движење, Девлет Бахчели се согласија вонредната состојба да не биде продолжена, јави провладиниот весник Сабах.

Вонредната состојба, инаку, истекува во јули. Вонредната состојба во Турција е воведена по обидот за државен удар во јули 2016 година и оттогаш се продолжува на секои три месеци, пренесе Ројтерс.

Ердоган во пресрет на изборите на 24 јуни вети дека ќе ја укине вонредната состојба ако победи.

Ердоган освои 53 отсто од гласовите на претседателските избори, продолжувајќи го своето владеење до 2023 година, но со нови, пошироки овластувања, што Турците го поддржаа на референдумот од минатата година.

Вонредната состојба им овозможува на Ердоган и на владата да го заобиколат парламентот во донесувањето нови закони и да ги суспендираат правата и слободите.

Турција истакнувала дека вонредна состојба е неопходна со цел земјата да се заштити од безбедносните закани, но критичарите сметаат дека Ердоган ја искористил вонредната состојба како изговор да се пресмета со дисидентите.