Експертски тим замина во Украина за инспекциска посета на нуклеарната централа Запорожје


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Меѓународен експертски тим на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) тргна за Украина, каде што подоцна оваа недела ќе ја посети нуклеарната централа Запорожје, која е под контрола на руските сили од раната фаза на инвазијата.

Грижите за безбедноста на најголемата нуклеарка во Европа се зголемија откако таа во изминатите недели беше цел на чести гранатирања, за што Русија и Украина меѓусебно се обвинуваа.

„Мораме да ги заштитиме безбедноста и сигурноста на најголемата нуклеарна централа во Украина и Европа“, изјави директорот на ИАЕА, Рафаел Гроси.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски откри дека Европа била на чекор до нуклеарна катастрофа во четвртокот, откако централата на кратко била исклучена од украинската електрична мрежа, при што се вклучиле резервните генератори. Тој изјави дека надземните далноводи биле оштетени од пожари, поради што таа била исклучена за првпат во историјата.

Кремљ пред десетина дена најави дека ќе дозволи меѓународни експерти да ја посетат нуклеарката, со која и натаму управуваат украински инженери.

„Речиси секој ден има нов инцидент во областа на Запорожје и не смееме да дозволиме да изгубиме уште време“, изјави Гроси, кој ќе ја предводи инспекцијата.