Драстичен скок на бројките: 1.197 новозаразени со Ковид-19 во последните 24 часа во Македонија – 9 пациенти со омикрон сојот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


После четири дена од прославите и дочекот на новата 2022 година, Македонија бележи зголемување на бројот на новозаболени со Ковид 19. Според податоците на Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа регистрирани се 1.197 заболени од 7 илјади 483 направени тестови. 12 пациенти починале, од кои 6 од Скопје и Битола.

Министерството за здравство дополнително информира дека варијантата Омикрон е детектирана кај 9 пациенти од Скопје и Кочани, од вкупно 24 тестирани примероци, што е 37,5% од позитивните примероци.

Од 27 декември 2021 година до 2 јануари годинава тестирани се вкупно 35.362 граѓани, од кои 2.643 лица од 34 различни градови биле позитивни. Како што информираат од Институтот, ова е зголемување на бројот на заразени за 37,6% во однос на претходната недела.

Меѓу другото, овој извештај покажува дека од Ковид 19 заболуваат сите возрасни групи. Најпогодени се оние на возраст од 30-49 години, додека најмал број на заболени се регистрирани во возрасната група 0-9 години. Во овој период починале 57 пациенти во 16 различни градови.

Што се однесува до вакцинацијата, од Институтот за јавно здравје информираат дека заклучно со 31.12.2021 година со првата доза од вакцината се вакцинирани 858.682 лица. Со втората доза вакцинирани се 832.120 граѓани, додека со третата доза вкупно 103.052 граѓани.