Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Иранската активистка и застапничка за правата на жените, Наргес Мохамади, која моментално отслужува 12-годишна затворска казна, ја доби Нобеловата награда за мир за 2023 година, одлука на Нобеловиот комитет која веројатно ќе го налути Техеран.
Одборот за доделување на Нобеловата награда го повика Иран да ја ослободи Мохамади, една од водечките национални активисти која водеше кампањи за правата на жените и за укинување смртната казна.
Поздравувајќи ја Мохамади како „борец за слобода“, шефицата на норвешкиот Нобелов комитет, Берит Реис-Андерсен, го започна својот говор со зборовите – на фарси – „Жена, живот, слобода“, што е еден од слоганите на протестите против иранската влада.
-Норвешкиот Нобелов комитет одлучи да ја додели Нобеловата награда за мир за 2023 година на Наргес Мохамади за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзината борба за промовирање на човековите права и слобода за сите – рече Берит Реис-Андерсон.
Наградата, исто така, им оддава признание на стотиците илјади луѓе кои протестираа против дискриминацијата и угнетувањето на жените во Иран, истакна Реис-Андерсен.
-Само со прифаќање на еднакви права за сите светот може да постигне братство меѓу народите што основачот на наградата, Алфред Нобел, настојуваше да го промовира – додаде таа.
Мохамади во моментов отслужува повеќекратни казни во затворот Евин во Техеран, во вкупно времетраење од 12 години, според организацијата за човекови права Front Line Defenders.
Иранската активистка неколку пати беше осудувана поради кампањата против смртната казна, а неколку пати беше и затворена во самица. Мохамади моментално отслужува затворска казна под обвинение за дела против националната безбедност и пропаганда против државата.
Таа беше осудена и на 154 удари со камшик, но оваа казна најверојатно до сега не е извршена. На Мохамади и е забрането да ја напушта државата.
Наргес Мохамади е заменик-шеф на невладината организација Центар за заштита на човековите права, основана од Ширин Ебади, добитничка на Нобеловата награда за мир во 2003 година.
Мохамади е 19-та жена што ја освоила наградата стара 122 години и прва откако Марија Реса од Филипини ја освои наградата во 2021 година заедно со Русинот Дмитри Муратов.
Нобеловата награда за мир, вредна 11 милиони шведски круни или околу 950 илјади евра, ќе биде врачена во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот индустријалец Алфред Нобел, кој ја основал наградата во својот тестамент во 1895 година.
Шефицата на норвешкиот Нобелов комитет, изрази надеж дека „иранските власти ќе донесат првилна одлука“ и ќе ја ослободат Мохамади за да може да ја прими наградата на доделувањето во декември.
-Оваа награда пред сѐ е признание за многу важната работа на целото движење во Иран, со неговиот неприкосновен лидер Наргес Мохамади. Доколку иранските власти донесат правилна одлука, ќе ја ослободат за да може да биде присутна на доделувањето на наградата во декември, за да ја добие честа, за што се надеваме – рече Реис-Андерсен.