Актуелно

Димитров: Ако Грција не ја блокира Македонија во НАТО, ќе се создаде клима за решавање на спорот со името

Ако Грција не ја блокира Македонија за влез во НАТО, ќе се создаде многу позитивна клима за решавање на спорот за името. Тоа ќе се одрази позитивно и на регионот, кој во последните месеци, ако не и во последните години, не е во најдобра ситуација, вели министерот за надворешни работи, Никола Димитров во интервју за телевизјата Н1, дадено во Дубровник за време на самитот на ПСЈИЕ, пренесува Радио Слободна Европа.

Димитров вели дека оваа Македонија, која тој ја претставува им пристапува на своите соседи без предрасуди и страв. Затоа и неговата прва службена посета била на Атина, оти како што вели, таму е изворот на најголеми проблеми за Македониа, а задачата на дипломатијата е да решава проблеми, да отвора затворени врати, да стекнува нови пријателства и да ги зајакнува постоечките.

Тој вели дека од грчките власти добил одговор дека не се подготвени да дадат зелено светло за членството на Македонија, според одредбите на референтната рамка на ОН, но министерот вели дека им пренел оти македонската страна нема да престане да се обидува да ги убедува на пристоен начин и со позитивни пораки.

Спорот меѓу Македонија и Грција е долготраен и министерот за надворешни работи, не може да даде одговор дали ова прашање ќе биде затворено за време на мандатот на оваа Влада.

Мора да работиме и на домашен план, бидејќи ова прашање е исклучително важно за македонскиот идентитет, тоа не е потребно да се нагласува посебно. Затоа, треба да создаваме соработка на сите клучни политички актери и национален консензус во инклузивниот процес, вели тој.

Димитров признава дека тој процес нема да биде лесен, особено по 27 април, кога како што вели полицијата следеше партиски заповеди, а не постапи според Уставот и Парламентот.

To Top