
Пред Роберт Патинсон да влезе во игра за улогата на Џејмс Бонд, режисерот Дени Вилнев имал друг фаворит — Џош О’Конор.
Тоа го откри Мет Белони од „Пак њуз“ во својот билтен, во кој објави нови детали за изборот на следниот агент 007.

„Малку за заднината: точно е дека Џош О’Конор бил еден од првите фаворити на режисерот Дени Вилнев. Толку многу, што неколкумина упатени верувале дека улогата практично е негова“, напиша Белони.
И претходно се шпекулираше дека О’Конор е меѓу неколкуте актери што биле на пробно снимање за Бонд.
„Но О’Конор уште од почетокот имал резерви поради товарот што го носи оваа улога. Се премислувал дали да оди на пробно снимање пред конечно да се реши, а набргу потоа самиот се повлекол од трката“, продолжи Белони.
Според него, повлекувањето на О’Конор се совпаднало со интересот на филмската екипа за Патинсон.
„Како што објавив минатата недела, Патинсон пристапил на пробно снимање дури по исклучително напорен процес на договарање на условите за неговиот ангажман“, наведе Белони.
Изборот на Роберт Патинсон за новиот Џејмс Бонд беше објавен неделава. Наводно, актерот потпишал договор за три филма.
Извор: Just Jared