Џени „ЏејВау“ Фарли остро ги критикуваше авиокомпаниите поради скапите билети и доплатите со кои се соочуваат патниците при резервација на лет. Ѕвездата на „Џерси Шор“, која има 41 година, во видео на ТикТок директно ја прозва „Јунајтед ерлајнс“.
„Занемарете како изгледам, но морам да ѝ оддадам признание на ‘Јунајтед ерлајнс’ што ја подигна алчноста на ново ниво“, иронично ја почна објавата.
„Доволно е лошо што авиокомпаниите им наплаќаат на луѓето по две, три или четири илјади долари за обични повратни билети. Каква смисла има, покрај тоа што плаќате за повеќе простор за нозете или за прва класа, да треба да доплатите уште 120 долари за да си изберете проклето седиште за летот во двата правца?“, продолжи таа.
Телевизиската ѕвезда се пошегува дека „мора да дознае“ зошто цените на многу летови толку драстично пораснале од 2020 година наваму. „Ју-ес викли“ побарал коментар од „Јунајтед ерлајнс“, но до објавувањето на текстот не добил одговор.
„Знаете што? Ќе ризикувам. Не давам 200 долари за да бидам сигурна дека ќе седам до сопругот, кога веќе плаќам три илјади за никакви седишта во прва класа. Каде е крајот? Морам да знам, кога ќе заврши ова, кога компаниите ќе станат помалку алчни?“, порача Фарли во петокот.
Таа се пошегува дека „ѝ блокира мозокот“ додека се обидува да ја сфати високата сметка за патувањето.
„Се откажувам и од мојот статус 1К. Нема да ѝ бидам лојална на ‘Јунајтед’, бидејќи тие не ни се лојални нам“, рече таа, зборувајќи за програмата за редовни патници на компанијата. „Не им се лојални ни на луѓето што со години се со нив, во добро и во лошо! Петнаесет години сум нивна клиентка и мислев дека постои некаква заемна почит. Ама не, воопшто не им е гајле.“
Фарли се пожали и дека условите за статусот 1К станале речиси невозможни за исполнување, а сега се соочува со дополнителни трошоци и во прва класа. „Боже, се откажувам од патување!“, извика таа.
Потоа ја спомена и идејата самата да основа „непрофитна авиокомпанија“.
„Само сакам луѓето да стигнат од точка А до точка Б, со почит и удобно, без сите овие доплати. Особено кога веќе ви наплатиле три илјади долари за да стигнете од Њуарк до Мајами. Што е ова?“, праша таа.
Својот став дополнително го образложи во описот на видеото на ТикТок.
„Мислам дека во овој момент секој има право да ги изгуби нервите поради патувањето. Намерно ја означувам ‘Јунајтед ерлајнс’, бидејќи овие корпорации мора да почнат да сфаќаат колку им е финансиски тешко на многу луѓе. На светот му требаат компании што ќе работат ПОДОБРО, а не компании што ќе бараат нова можност да им го извлечат и последниот долар на своите клиенти“, напиша Фарли.
Извор: US Weekly