Денес промоција на книгата „Радио“ од новинарската легенда Љупчо Јолевски

Денес, четврток, 17 јануари, во скопското кино „Фросина“ во МКЦ, со почеток од 20:30 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Радио“ од македонската културно-уметничка новинарска легенда Љупчо Јолевски.

Книгата е субјективен избор на авторот од прилозите, односно текстовите пишувани и објавени за Радио Слободна Европа. Поделена на неколку целини – музика, литература, ликовна уметност, филм, театар, уметничка фотографија.

Преку текстовите, Јолевски нуди негово видување на македонската култура во изминатите 25 години. На страниците се забележани мислите и ставовите на поголем број македонски уметници и творци. „Радио“ ја чинат повеќе од 730 страници и речиси толку фотографии и илустрации.

Промоцијата ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Роденден на уметноста“ на МКЦ, а покрај рецензентите Елизабета Баковска, Марко Коловски и Ана Франговска, соработниците Билјана Билбилоска и Сашо Димоски, ќе може да се проследат и изведбите на актерот Игор Трпчески, пијанистката Дуња Иванова, гитаристот Ибрахим Мехмети и перкусионистот Ратко Даутовски и џез бендот Сетстат.