Во Порто Монтенегро во Тиват, во саботата навечер, на 24 октомври, по вторпат беа доделени АФА наградите (Adriatic Film & TV Awards). Со нив Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион ги издвојува најзначајните филмови и телевизиски серии од регионот.
За најдобар филм беше избран „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ, кој ја доби и наградата за најдобра режија. Филмот беше награден и како најдобро дебитантско остварување. Станува збор за копродукција на Србија, Словенија и Хрватска, чија продуцентка е Драгана Јововиќ.

Стефан Ѓорѓевиќ и Драгана Јововиќ, „Ветре, зборувај со мене“
Нуми Рапас ја освои наградата за најдобра главна женска улога за „Мајка“ на Теона Стругар Митевска. За најдобра главна машка улога беше награден Андрија Кузмановиќ за настапот во „Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ.
Признанието на АФА за ѕвезда во подем му припадна на Ариф Јакуп за улогата во „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски. Хана Јушиќ, пак, ја доби наградата за најдобро сценарио за филмот „Бог нема да помогне“.

Ариф Јакуп

Хана Јушиќ
Во телевизиските категории, за најдобра серија беше прогласена „Котлина“ од Босна и Херцеговина, чии креатори се Амра Бакшиќ Чамо и Данис Тановиќ. За улогите во истата серија, Снежана Видовиќ и Феѓа Штукан ги освоија наградите за најдобра главна женска, односно машка улога.

Екипата на „Котлина“
Годинава за првпат беше доделена и АФА награда за исклучителен успех во кинодистрибуцијата, односно за најголем приход од киноприкажувањето. Со одлука на Управниот одбор на Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот Регион, признанието го доби „Свадба“ на режисерот Игор Шереги.

Екипата на „Свадба“
За номинациите, а потоа и за добитниците, гласаа повеќе од 800 членови на Академијата, професионалци од филмската и телевизиската индустрија. Академијата ја основаа Сараевскиот филмски фестивал, Загрепскиот филмски фестивал и Фестивалот на авторски филм од Белград.
Настаните во рамките на второто доделување на АФА наградите се одржаа на 23 и 24 октомври во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора. Главни партнери беа Порто Монтенегро и компанијата „Стратеџист“.
Извор: Lepota i Zdravlje