Демант на градоначалникот од Демир Хисар: „Видеото е монтирано, барам извинување или ќе тужам“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


„Периодот кој е снимено видеото е на 22.01.2018 година – првиот училишен ден од почетокот на второто полугодие во ООУ „Гоце Делчев“ во Демир Хисар и нема апсолутно никаква врска со упатување на закани и влијанија кон граѓаните на Демир Хисар за претстојниот Референдум 2018 година. Моето присуство во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ беше по претходно барање на група од триесетина родители кои одржуваа средба поради протест на две незадоволни наставнички од прераспоредувањето на работно место во образовната институција каде работат, што е законско право на раководното лице во училиштето“.

Вака градоначалникот на Демир Хисар, Марјанче Стојановски го оправдува своето однесување на видеото кое вчера беше објавено во јавноста, пренесува 24.мк.

Стојановски меѓудругото истакнува дека „Претходно, дел од родителите ми се јавуваа и ме известуваа за тој протест и незадоволство на двете наставнички, како оделе од куќа на куќа и ги убедувале останатите кои имаа можност за лобирањето при носењето на одлуката за нивното прераспоредување. Притоа, во овој контекст, сакам да Ве информирам дека изречените зборови од моја страна во тоа монтирано видео се однесуваат токму на тие разговори, односно комуникации и контакти кои ги имав со родителите, а не некакво прислушкување, закани, уцени и слично. Исто така, Ве информирам дека за таа средба и протест известено беше Министерството за образование и наука со допис бр. 12-167/2 од 15.02.2018 година“.

„Велам монтирано видео, затоа што не е во целост дистрибуирано и прикажано, зборовите се извадени од контекст, со што се добива целосна погрешна претстава за она што јас го зборувам. Поради тоа, барам од интернет порталот lider.mk, кој прв ја објави веста и монтираното видео на 09.09.2018 година веднаш да испрати демант за тој настан, да ми се извини за мојот нарушен углед и угледот на мојата фамилија и пред надлежните органи да даде информација за лицето кое го снимило видеото, како би можело во целост да се утврди што точно сум говорел во истото. Исто така, барам од останатите пишани, електронски, аудио и видео медиуми да го сторат истото, односно да објават демант. Во спротивно, ќе поднесам тужбено барање до надлежните институции“ – вели градоначалникот Стојановски.