Дебитантскиот филм на Дина Дума, „Сестри“, кандидиран за најпрестижната филмска награда Оскар


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Дебитантското режисерско дело на Дина Дума, „Сестри“, е македонски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм за 2022, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ).

Одлуката ја донесе Комисијата за избор на македонски кандидат за Оскар при ДФРМ во состав Дејан Димески, кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски, фотограф и кинематографер, Петар Богоевски, дизајнер на светло, Несрин Таир, актерка, Снежана Поњавиќ-Муча, сценографка, Александар Пејовски, композитор и актерот Дритон Вејсели.

Во конкуренција со„Сестри“ беше и „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи.

Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука објави дека 94. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 27 март 2022, во Лос Анџелес. Прелиминарната листа од 15 финалисти за номинација за Оскар во оваа категорија ќе биде објавена на 21 декември, од кои на 8 февруари 2022 ќе се изберат 5 номинирани филмови.

„Сестри“ во август имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Карлови Вари каде освои Специјалната награда на жирито во програмата Источно од Западот. Филмот е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога се соочени со последиците од нивното декадентно однесување, а македонската фестивалска премиера беше на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

Според правилата на Академијата, националниот кандидат за Оскар треба да има кинопремиера во периодот од 1 јануари до 31 декември 2021.

Во „Сестри“ во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро. Во продукција на „Лист продукција“, продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, шминката е на Жанета Димитриевска, а музиката е на Игор Василев-Новоградска.

Дума го сними филмот во 2019, на урбани локации низ Скопје. „Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.