Дали оставката на Заев ќе се пролонгира заради можен компромисен договор со Бугарија до средината на декември


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Македонскиот премиер со оставка во најава, Зоран Заев, се` уште не ја поднел истата иако ја најави пред два дена. Она што засега се знае е дека тој не отстапува од одлуката да си замине од Владата и од лидерската позиција во СДСМ, но прашањето е кога тоа би се случило, пренесува Гласот На Америка.

Информациите се дека е можно оваа одлука да се пролонгира до крајот на годината и дека како опција била спомената на меѓупартиските консултации на коалициските партнери – состанок на кој останатите лидери не успеале да го разубедат Заев од намерата да се повлече.

Образложението зошто да се почека за два месеца било во потенцијалната можност до средината на декември да се пронајде некаков компромис со Бугарија и Софија да го деблокира евроинтеграцискиот процес.

Паралелно со потврдите на актуелната владејачка коалиција дека мнозинството е стабилно и дека нема потреба од предвремени избори, опозицијата, „јавајќи на бранот“ на победата на локалните избори, го прозва Заев прашувајќи го до каде е оставката.

„Зоран Заев повторно блефираше и остана на фејсбук оставка, но не ја достави со допис до Парламентот. Оттука се гледа дека оставката на Заев е иста како и оставката на Филипче, ја поднесе за да не биде прифатена и потоа да одбегне одговорност. Заев е човек кој не држи до сопствениот збор“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Чекорите на новата локална власт веќе се конфронтираат со одлуките и политиките на централната власт. Министерството за надворешни работи реагира откако на конститутивните седници на Советите на општина Штип и општина Аеродром, советниците од новото мнозинство се потпишувале на свечени изјави на кои стоело поранешното име Република Македонија.

„МНР, следејќи ги ваквите појави по завршувањето на локалните избори и при конституирањето на определени совети во општините, повикува на доследна примена на уставните одредби во согласност со Преспанскиот договор, имајќи предвид дека непочитувањето на Уставот и на ратификуваните меѓународни договори сериозно го нарушува меѓународниот углед на државата и го поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија“, се вели во рекацијата на МНР.

МНР го повикува Министерството за локална самоуправа „соодветно да реагира во согласно со своите надлежности и апелира до сите советници во општините доследно да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија.