Дали „новата Вотергејт“ ја загрозува претседателската фотелја за Хилари Клинтон?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Времето полека истекува – уште седум дена останаа до претседателските избори во САД, а Доналд Трамп и Хилари Клинтон според последните анкети се речиси целосно изедначени во однос на поддршката од гласачкото тело.

Сепак, до пред неколку дена, Хилари имаше комотна предност, но отворањето на новата истрага на ФБИ за нејзините спорни мејлови му даде нов елан на Трамп. Меѓутоа, ќе биде ли тоа доволно контроверзниот републиканец да го направи можеби најголемото изненадување во американската изборна историја?

За разлика од претходната истрага која покажа дека нема доволно докази за да се поднесе обвинение против Клинтонка, за новата истрага не се знае многу, освен дека станува збор за нови мејлови за чие истражување ќе биде потребно некое време, како што тоа го кажа директорот на ФБИ Џејмс Коми.

Тоа значи дека е сосема можно на денот на гласање над главата на едниот од кандидатите да виси сомнежот, што прилично би можело да влијае врз конечниот резултат.

Бидејќи, во ваквите истраги е многу тешко целосно да се разјаснат сите нешта, што најдобро го покажува и претходниот случај, при што и покрај неподнесувањето обвинение 64 отсто од Американците и понатаму не ѝ веруваат на Хилари Клинтон, покажуваат анкетите.

Трамп веќе го спореди најновиот скандал на Хилари со озлогласениот Вотергејт, кога Ричард Никсон мораше да се повлече од претседателската функција поради прислушувањето на политичките противници.

За нештата да бидат уште полоши за поранешната државна секретарка, откриено е дека семејството Клинтон прилично ги „заматило границите“ меѓу сопствените бизниси, добротворната организација и политичките интереси, што на Трамп му ја даде неопходната муниција за да распука по Хилари во последната недела пред изборите.

Додадете ги на тоа и претходните 23 комплети тајни мејлови меѓу поранешната државна секретарка и шефот на нејзината кампања Џон Подеста, кои ги објави Викиликс, и ете го Трамп повторно во игра.

„Кога рефлекторот беше врз Трамп, Хилари лесно победуваше. Меѓутоа, сега цело внимание е насочено кон неа, и ситуацијата е сменета“, вели Френк Лунц, политички консултант кој претходно кажа дека ќе победи оној кандидат кој ќе успее да го задржи фокусот врз својот противник.

When the attention was on Trump, Clinton was winning.

Now, the attention is on Clinton… https://t.co/VRSHKAuh2I
— Frank Luntz (@FrankLuntz) October 29, 2016

Една третина од поддржувачите на Клинтон во анкета по објавувањето на новата истрага кажале дека се двоумат дали на 8 ноември да останат на својата одлука за гласање за поранешната прва дама.

Многу е тешко да се процени дали Трамп ќе ја престигне Хилари поради новиот скандал со мејловите. Првиот фактор во тоа е што сите политички аналитичари во САД се притаени или отворени поддржувачи на едниот или другиот кандидат. Вториот фактор е што истото го прават и медиумите – на страната на Хилари Клинтон се редакциите на големите мејнстрим медиуми како Њујорк тајмс, Вашингтон пост и другите, додека „ударната игла“ е Фокс њуз. Двата табори даваат различни резултати, процени, предвидувања, секогаш во корист на кандидатот што го поддржуваат, нормално.

Она што е сигурно е дека натпреварот во непопуларност, како што ги нарекуваат овие американски претседателски избори, тукушто доби нова димензија, која веќе влијае врз резултатот.