Човештвото се претвори во „оружје за масовно уништување на планетата Земја“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Човештвото се претвори во „оружје за масовно уништување“ и време е да ѝ се стави крај на „војната против природата“, апелираше генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, повикувајќи ги земјите да донесат храбри одлуки, на официјалното отворање на КОП15 за биодиверзитетот.

„Со нашиот незаситен апетит за неконтролиран и нееднаков економски раст, човештвото стана оружје за масовно уништување“ на планетата, предупреди тој во почетокот на конференцијата во Монтреал, која ја гледа како „можност да ѝ се стави крај на оваа оргија на уништување“.

Откако дојде на функцијата генерален секретар на ОН во 2017 година, борбата против климатските промени е еден од приоритетите на Гутереш. Неговиот жесток говор во почетокот на конференцијата КОП15 покажува дека во срцето ја има судбината на флората и фауната и загрозените екосистеми – кризи што се меѓусебно поврзани.

Гутереш говореше по канадскиот премиер Џастин Трудо, чиј настап беше прекинат со удирање на тапаните од десетици претставници на тамошните домородци. „Геноцидот над автохтоните народи = екоцид“, „Ако сакате да ја зачувате биолошката разновидност, престанете да ги окупирате нашите земји“, пишуваше на транспарентот што го држеа неколку минути, проследени со аплауз од дел од салата, по што беа мирно однесени кон излезот.

КОП15 мора да се соочи со големи предизвици: на милион видови им се заканува исчезнување, една третина од земјата е сериозно нарушена, плодната почва исчезнува, а океаните брзо се влошуваат поради загадувањето и климатските промени.

Хемикалиите, пластиката и атмосферското загадување ги задушуваат земјиштето, водата и воздухот, а загреввањето на планетата поради согорувањето на фосилните горива предизвикува климатски хаос – со топлински бранови, шумски пожари, суши и поплави.

Повеќе од 190 земји учествуваат од 7 до 19 декември на конференцијата КОП15 за биолошка разновидност со цел да се постигне договор за природата за следниот десетгодишен период. Но исходот од преговорите за дваесетина цели што треба да ги зачуваат екосистемите до 2030 година сѐ уште е неизвесен.

„Денес не сме во хармонија со природата, напротив, свириме многу поинаква мелодија“, која е „какофонија на хаос свирена на инструменти за уништување“, заклучи генералниот секретар на ОН.