Британски институт прогнозира: Војната меѓу САД и Северна Кореја е реална опција!

Војната меѓу САД и Северна Кореја сега е реална и многу опасна опција, се наведува во извештајот подготвен од Кралскиот институт за безбедност на Велика Британија (РУСИ).

Според таа анализа, објавена од весникот „Индипендент“, војната нема да биде “хируршки прецизна”, туку “крвава и долга”.

– Војната меѓу Северна Кореја и САД веројатно ќе резултира со убивање и ранување на стотици илјади луѓе. Тоа би значело голема инвазија на Северна Кореја, како и застрашувачки ефект врз целиот регион, пишува во извештајот на британскиот институт.

РУСИ додава дека „во случај на напад на било која од двете земји, целиот свет би имал максимално неколку часа да одлучи како ќе одговори на таа кризна ситуација“.

Директорот на Институтот, Малколм Чалмерс изјави дека војната би можела да ја започне било која страна, но „многу веројатно е дека Доналд Трамп би можел да одлучи да го реши проблемот порано, а не подоцна“.

Британскиот институт во извештајот изложил неколку начини за почеток на војната.

– Доколку Северна Кореја поверува дека САД ќе извршат „превентивен напад“, Ким Џонг-ун би можел да нереди напад, смета Чалмерс.

Како што пишува „Индипендент“, Вашингтон може да биде испровоциран да нападне доколку севернокорејски ракети паднат во близина на Калифорнија или Гуам, американски територии во Тихиот Океан.

Војната со зборови на реалција Вашингтон-Пјонгјанг, која трае повеќе месеци, постепено го турка светот кон судири. Наместо да ги смируваат тензиите, лидерите на двете земји уште повеќе ги потпалуваат.

– Почетокот на војната веројатно би бил означен со претходен воздушен напад од страна на САД, како и кибер офанзива, смета Чалмерс.

Ова сценарио потоа ќе предизвика акции на одмазда од Пјонгјанг, а прва мета ќе биде Јужна Кореја, како и американските бази во регионот. Никој не може да гарантира дека Ким Џонг-ун нема да вклучи нуклеарна опција. Доколку тоа се случи ќе бидеме сведоци на Трета светска војна, а американската војска ќе тргне со цела сила во инвазија, пишува во документот, кој ја заборава важната ставка, а тоа се реакциите од Русија и Кина.

Војната меѓу Вашингтон и Пјонгјанг би ја уништила светската економија. Јужна Кореја како 11-та економија во светот ќе претрпи катастрофални последици.

– Брзиот напредок на севернокорејскиот развој на ракетната и нуклеарната програма значи дека времето не работи за дипломатијата, пишува директорот на РУСИ, додавајќи дека би можело да дојде до голем раздор во односите меѓу Сеул и Вашингтон доколку Трамп одлучи да ја нападне Северна Кореја. Имено, официјален Сеул е против таквата варијанта и бара наоѓање дипломатско решение.

Во извештајот се заклучува дека „доколку САД извршат напад без дозвола од Јужна Кореја тоа ќе значи крај на нивниот сојуз, бидејќи Јужнокорејците ќе сфатат дека Трамп е подготвен да го жртвува Сеул“.

Предупредувањето на британскиот институт доаѓа во момент на најголеми тензии меѓу САД и Северна Кореја, откако севернокорејскиот министер за надворешни работи ги обвини САД за објавување војна.

Извор: Алсат-М