Брисел бара 100 милијарди евра од Лондон за Брегзит, Британија не планира да плати

Министерот на британската влада задолжен за повлекувањето на земјата од Европската унија соопшти дека Британија нема да ја плати сметката од сто милијарди евра за Брегзит.

Дејвид Дејвис за британските телевизии денеска рече дека ЕУ не може тоа да го одреди произволно, туку дека конечната сума ќе произлезе од преговорите. Претходно се јавуваше дека сметката на ЕУ за Брегзитот е околу 60 милијарди евра, но Фајненшл Тајмс денеска пишува дека била надмината оваа сума.

Дејвис рече и дека Британија ќе ги исполни своите меѓународни обврски, но дека нема да платат сто милијарди.

Во меѓувреме преговарачот на ЕУ за Брегзит, Мишел Барниер негираше дека финансиските побарувања на унијата од Британија, како што рече, се казна, но предупреди дека било илузија оти постапката ќе биде безболна.