Богатите во Македонија го зголемиле богатството за време на пандемијата – Битиќи поддржува враќање на прогресивен данок


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи изјави дека го поддржува враќањето на прогресивниот данок поради тоа што, како што вели тој, богатите станале уште побогати за време на пандемијата. Оваа негова реакција следи откако вчера претседателот на МАНУ, Таки Фити, рече дека потребна е финансиска консолидација и проресивен данок.

Битиќи смета и дека персоналниот данок треба да се намали во одредени дејности. Во моментов не е јасно дали одложеното прогресивно оданочување ќе се врати во 2023, но Битиќи не ја исклучува можноста да биде воведено и порано. За даночните реформи најавува консултации кои најверојатно ќе траат шест месеци. Од дебатите со експертите ќе се знае дали има потреба и од воведување на кризен данок како што беше ситуацијата во 2001 година, пренесува Фактор.

– Даночната реформа значи воведување на прогресивното оданочување, јас велам – зошто да не. Кризата покажа дека некои богати станаа уште побогати. Заради идеолошкото верување, сметам дека треба да има прогресивно оданочување. Богатите треба да платат и да вратат на посиромашните. Ако тоа значи воведување на нов данок за посиромашните, велам не, затоа што на нив им должиме за да излезат од прагот на сиромаштија и да почнат да живеат достоинствено, рече Битиќи.

Најлесно е да се зголемат даноците, потешко е да се бориш против сивата економија, реагиураше вчера Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанска комора на Македонија. Додава дека така ќе се оптоварат повеќе тие кои плаќаат данок.

„Академик предлага покачување на даноците. Тоа е најлесно да се направи, да се натоварат уште повеќе тие што плаќаат данок. Потешко е да бориш против сивата економија. Треба прво тоа да се потсреди па после да се размислува за нови или повисоки даноци, напиша вчера Јовановски.