Апсат и тепаат: Бруталност врз поддржувачите на Навални од страна на руската полиција (снимки)


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Десетици илјади луѓе ширум Русија протестираат, барајќи ослободување на најголемиот непријател на Кремљ, лидерот на опозицијата Алексеј Навални. Нив не ги спречи ни бруталноста на руската полиција која апси, тепа, влече луѓе за нозе, за раце и ништо не ја запира во жестоката реакција кон протестирачите.

На социјалните мрежи се појавија снимки со вознемирувачка содржина, на кои се гледа како припадници на полицијата тепаат и приведуваат демонстранти во 120 градови во Русија.

Тие храбро извикуваат „Путин е крадец“, „Путин е лажго“, додека полицијата тепа без намера да запре.

Демонстрациите за поддршка на приведениот руски опозициски лидер Алексеј Навални започнаа рано утрово на крајниот исток на Русија.

И покрај полицијата, која, според проценките на опозицијата, досега уапсила над 1.500 лица, вклучително и новинари, приврзаниците на Навални не се предаваат и им пркосат на властите и на Владимир Путин.

Навални беше приведен на 17 јануари, само неколку моменти откако слета во Москва од Берлин, по неколкумесечно лекување во Германија, кога беше отруен со нервниот агенс Новичок во август 2020 година.

Тој ја обвини руската влада за труењето, што Кремљ повеќе пати го демантираше.

Навални во моментов е во притвор воочи судското рочиште што го чека на 2 февруари, на кое судот ќе одлучи дали условната казна за обвинение за измама во случајот на проневера во 2014 година треба да се промени во затворска казна.

Поради планираните неовластени собири во центарот на Москва, воведени се бројни ограничувања, ограничено е движењето на пешаците, некои московски метро станици се затворени, паркирањето е ограничено, а продавниците, трговските центри и рестораните во близина на плоштадот Лубјанка се затворени.

Руските власти претходно ги повикаа граѓаните да не излегуваат на протести што не се одобрени од надлежните органи.