Антикорупциска бара од Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор на постапката на избор за ректор на УКИМ


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Државната комисија за спречување на корупција најави дека ќе упати барање до Државниот просветен инспекторат (ДПИ) да изврши вонреден инспекциски надзор за примената на Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во однос на постапката за избор на ректор на УКИМ,  за избор на претседател на Сенатот и да преземе мерки согласно своите надлежности.

Антикорупциска постапува по пријава, според која има три околности кои може да доведат до заклучок дека постои судир на интереси – ректорот постапувајќи од позиција на претседавач на Сенатот на УКИМ, презема активности за формирање Универзитетска изборна комисија за избор на ректор, со што доколку се јави како кандидат за нов мандат за ректор директно се доведува во состојба на фактички судир на интереси.

Понатаму во соопштението на Антикорупциска се наведува: „Иако Статутот на УКИМ е донесен во јуни 2019 , досега не е спроведена постапка за избор на претседател на Сенатот, ниту пак е дадено право на највозрасниот член на Сенатот да ги врши работите на претседател на Сенат, што е предвидено со член 159 од Статутот“.

Во изминатиов период Независниот академски синдикат (НАкС) и тројца проректори на УКИМ, обвинуваат за кршење на Законот за високо образование и Статутот на УКИМ при изборот на нов ректор, особено што актуелниот ректор проф. д-р Никола Јанкулоски се јавува во двојна улога на претседател на Сенатот, што е против член 96 од Законот.

Тие сметаат дека постапувањата за започнување и за спроведување избор на ректор во вонредна состојба, се спротивни на Уредбата на РСМ објавена во Службен весник бр. 76 од 24.03.2020 , каде се вели дека за време на траењето на вонредната состојба, мандатот на членовите на органите и телата се продолжува до завршувањето на вонредната состојба.

Денес на 43. седница по пат на тајно гласање на Универзитетскиот Сенат на УКИМ се избра комисија која треба да ја спроведе постапката за избор на ректор.

Photo by BuildMk / CC BY-SA (https://creativecommons.org/licenses/by-sa/3.0)