Актуелно

Аневски: Колегите станаа сончогледи за Зврлевски

Претседателот на Советот на јавни обвинители Петар Аневски вели дека не е воопшто зачуден што мнозинството членови од Советот минатиот вторник одлучи да го остават сам и да гласаат сите до еден за предлогот на Владата за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски, пренесува СакамДаКажам.мк.

Сончогледи станаа сите. Се свртеа одеднаш од своите досегашни ставови и одлуки, одговорил кусо Аневски по телефон за новинар од СакамДаКажам.

На прашање дали досега некој од членовите имал забелешка на работата на Зврлевски, дали можеби некој од нив отворил тема дека треба да биде разрешен и како одеднаш се случи да биде гласањето осум спрема еден (единствениот глас против е на Аневски), тој вели дека досега немало такви дискусии на дневен ред во Советот.

Ветриштата на промени во сфаќањата во Советот на јавни обвинители временски се совпаѓа со формирањето на новата влада од страна на премиерот Зоран Заев. Овој состав на Советот ќе остане запаметен по бројните опструкции што и ги правеше на специјалната обвинителка Катица Јанева и на СЈО.

На 9 март годинава Советот на јавни обвинители со мнозинство гласови донесе одлука да и препорача на специјалната обвинителка Катица Јанева да ја отстрани обвинителката Фатиме Фетаи од случајот Шамари и насилства во општина Центар, зашто го прекршила етичкиот кодекс.

Советот на јавни обвинители со мнозинство гласови одлучи да не и го даде предметот Маѓар телеком на Катица Јанева. Истите тие членови на Советот, кои се и денес, минатото лето со мнозинство гласови одлучија да не и го дадат на Јанева ни предметот за Зоран Божиновски обвинет во случајот Шпион, за кој надлежноста секако ја презеде таа. Божиновски заради одлуката на мнозинството од актуелните членови на Советот е во притвор од 22 април лани.

Советот на јавни обвинители не и го дава на Катица Јанева ни случајот Сопот. Со месеци, овој предмет не се става на одлучување, а никој од членовите нема забелешка на тоа. Затоа СЈО почна предистражни постапки за убиството на Мартин Нешковски и за Монструм, самоиницијативно, од прислушуваните разговори.

Овој состав на Советот на јавни обвинители, кој што е највисоката обвинителска власт во Македонија, го преспа објавувањето на бомбите на лидерот на тогашната опозиција Зоран Заев, а особено тоа што шефот на обвинителството Марко Зврлевски и нивни колега, не мрдна со прст и не сакаше да поведе истрага и да утврди кој го вршел нелегалното масовно прислушување и кршење на основните права на граѓаните.

Овие членови две години од објавувањето на бомбите останаа неми за тоа дека Обвинителството не поведе ниедна истрага по сомнежите за тежок криминал кои произлегуваат од објавените разговори.
Никој од нив се нема потресено ни дека Зврлевски уште ја крие спогодбата со која Ѕвонко Костовски од сега згаснатиот предмет Пуч беше осуден на затворска казна, иако за неа во март годинава се заинтересира Стејт Департментот.

Никогаш членовите на Советот не излегоа јавно и не го ставија на дневен ред тоа што обвинителството на Зврлевски не откри ниту еден случај на насилства врз новинари во време на претходната власт.
Ниеден од сегашните членови на Советот на јавни обвинители кои одеднаш завртеа лист и гласаа сите освен Аневски за предлогот за разрешување на Зврлевски, особено не излезе во јавноста по крвавите настани во Собранието на 27 април. Ништо не кажаа за злоупотребите со смешно лесните кривични дела што им ги пиша обвинителството на Зврлевски, а со кои судот начека алиби експресно да ги пушти на слобода со условни казни.

To Top