Анестезиологот кој на ТикТок објави видео од пациенти и персонал во тетовската болница остана без лиценца за работа


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Тетовскиот анестезиолог Ваљтон Дервиши, кој на социјалната мрежа ТикТок снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал, седум години нема да смее да работи како лекар поради одземање на лиценцата.

Одлука за привремено одземање на лиценцата за работа донесе Судот на честа при Лекарската комора на денешната седница, за што информираа преку соопштение. Согласно правните прописи, тоа е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.

Од Лекарска комора на РМ изјавија: Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила.

Од Лекарската комора велат дека нема да дозволат угледот на докторите да биде загрозен од неодговорно однесување на поединци во фелата.

Против лекарот, кој е во притвор, Обвинителен предлог поднесе Основното јавно обвинителство до Основниот суд во Тетово, за кривични дела – Несовесно работење во службата како и Неовластено снимање.