Андре Риу со фантастичен концерт ги освои срцата на 8.000 посетители во Скопје


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Холандскиот виолинист Андре Риу кој веќе 30 години настапува низ целиот свет и ја пренесува љубовта спрема класичната музика, синоќа за прв пат ѝ покажа и на македонската публика зошто тој важи за една од најуспешните светски музички ѕвезди на денешницата! Современиот „Крал на валцерот”, во целосно распродадената ВИП Арена „Борис Трајковски” одржа концерт заедно со својот оркестар „Јохан Штраус” на кој ги отсвиреа дел од најубавите музички дела некогаш компонирани и со своето фантастично шоу ги восхити илјадниците посетители.

Во тричасовното магично музичко патување со романтични валцери, музика од славните филмови и мјузикли, опери и оперети како „Несун Дорма”, „Маршот Радецки”, „Ода на радоста” и „На убавиот син Дунав”, на секоја изведба на Андре Риу, посетителите постојано возвраќаа со огромен аплауз и искрени емоции, а голем дел од нив заиграа и валцер. Македонската публика, која според него е една од најмузикалните и најраспеаните, го испрати маестралниот Андре Риу со долги стоечки овации и во еден глас пеејќи ја „Македонско девојче”, песната со која тој го означи и крајот на оваа магична вечер.


Неговите концерти се дефинитивно многу повеќе од само музика и класичен настап. Андре Риу во беспрекорно осмисленото шоу, со раскошната сценографија и костимографија, приредува фантастично доживување и допира до срцата на сите посетители исполнувајќи ги со прекрасни емоции. Настапот беше исполнет и со симпатични и шеговити моменти, а изведените песни беа доведени до ниво на совршенство. Андре Риу сака да раскажува приказни, да споделува животни фрагменти, да зборува за средбите со музичарите кои се дел од неговиот оркестар, Андре, едноставно сака да ги пренесе емоциите кои ги поседува.

Вчеравечер неговата музика на едно место обедини 8.000 луѓе, а Андре Риу и неговиот „Јохан Штраус” оркестар беа медијатори помеѓу светот на класичната музика и човековата среќа.

Андре Риу со својата музика ги обединува луѓето низ светот како ретко кој друг. Овој великан на класичната музика го оформува оркестарот „Јохан Штраус” уште во 1988 година, и тоа на почетокот со само 12 музичари, а денеска тоа е најголемиот приватен оркестар, во кој членуваат преку 150 музичари од целиот свет. Има продадено повеќе од 40 милиони албуми, а дури 30 завршиле како бр.1 на светските топ листи. Токму Риу, благодарение на неговата разгорена музичка страст, успеа класичната музика да ја издигне на пиедестал и во 21-виот век и на сите континенти во светот да ги преполнува салите и арените во кои настапува со својот оркестар. Синоќа за прв пат и ние имавме прилика да бидеме дел од едно од тие бесценети музички доживувања и можеме само да посакаме, што поскоро уште една ваква средба со Андре Риу!