Актуелно

Алармантна состојба: Охридско езеро на албанската страна е повлечено за 40 метри

Нивото на водата во Охридско Езеро неколку недели е под минималната кота, односно 23 сантиметри под нивото дозволено од страна на УНЕСКО, предупредува експертот по животна средина од Поградец и порашен претставник на Албанија во заедничкиот Билатерален комитет за заштита на Охридското Езеро, Аријан Мероли.

Како што пренесува порталот Охрид прес, во најниските крајбрежни подрачја, на потегот од градските плажи во Поградец до Тушемиште, водата е повлечена за околу 40 метри, а во длабочина за околу еден и пол метар.

Истиот феномен е забележан од албанска и од македонската страна. Одговорните органи на Македонија наведуваат дека главна причина за ваквото ниско ниво на езерото е производството на електрична енергија од страна на ЕЛЕМ, што од друга страна е голема опасност за живиот свет на езерото, алармира Мероли.

Тој додава деа ова е во целосна одговорност на македонските власти, бидејќи единствениот пат за испуштање на водата од Охридското Езеро е реката Црн Дрим.

Државната компанија за производство на електрична енергија ЕЛЕМ управува со браните за испуштање и за запирање на водите од Охридското Езеро. За жал, во текот на јануари, медиумите објавија дека се случил голем дефект во една од најголемите термоцентрали во Македонија, која е главен производител на електрична енергија. Мое мислење е дека тоа е главната причина поради која ЕЛЕМ одлучи овој недостиг на производена електрична енергија од страна термоцентралите да го компензира со користењето на езерските води, што од друга страна се коси со сите меѓународни прописи, со статусот на Охридското Езеро, но, најважно од сè, е спротивно на сите договори што ги има потпишано Македонија, истакна Мероли.

Тој додаде дека ситуацијата е слична секоја година, но не се памети кога последен пат се случило во ваков размер.

Advertisements
To Top