Академик Ќулавкова и проф. Улчар: Македонската декларација е срам за дипломатијата и науката за јазикот, проф. Спасов го брани документот


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во документот кој вчера го испрати македонската влада до ЕУ се наведува следното: „Литературниот македонски јазик е кодифициран во 1945 година. Согласно сознанијата утврдени со акти, широко прифатените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика и лингвистичката наука, македонскиот јазик има свој јазичен, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на специфичниот развој на дијалектите што се во неговата основа и биле распространети на територијата на денешна Република Северна Македонија. Македонскиот јазик се определува како словенски јазик, кој се наоѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.”

За академик Катица Ќулафкова просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик значи негово постоење вон просторот на денешната држава Македонија и вон современото време.

„Со унилатералната изјава на Р с. Македонија, всушност, се откажуваме од историскиот и научен факт дека македонските говори од егејска Македонија, денешна Грција, се основа на старословенскиот и црковнословенскиот јазик од кирилометодиевската епоха на нивната кодификација. Просторно-временскиот континуум на македонскиот јазик значи негово постоење вон просторот на денешната држава Македонија и вон современото време. Никој нема право да се откаже од неговиот историски развој и од улогата што македонските говори ја имале во развојот на словенските јазици. Никој нема право да се откажува од македонските дијалекти во соседните држави. И никој не е овластен да се откаже од македонското малцинство во соседството и во светот“, реагира Ќулавкова.

„МАКЕДОНСКАТА УНИЛАТЕРАЛНА ИЗЈАВА СРАМ ЗА ДИПЛОМАТИЈАТА, ЗА МАКЕДОНСКАТА НАУКА ЗА ЈАЗИКОТ, ЗА СОБРАНИЕТО И ЗА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ, ВООПШТО!

Не знам кој го пишувал текстов, но прво е неписмено напишан (не е лекториран). Само неколку примери што ми паднаа в очи: на стандарден македонски јазик не се вели „согласно сознанијата“, туку „во согласност со сознанијата/согласно со“, не се вели „било какви“ туку „какви било“, се пишува македонски народ, а не Македонски народ итн.

Второ – се коси со Резолуцијата од нашето Собрание во која се вели: „Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.“ Во текстов гледам сЕ, само не и рамноправност и почитување достоинство на македонскиот народ.

Трето, содржински е катастрофален и оди на рака на бугарската страна. Зошто? а) Зашто историјата на македонскиот јазик не започнува од 1945 година, туку уште со Моравската мисија за чии цели бил создаден старословенскиот јазик врз македонски говори од околината Солун.; б) Дијалектното просториње на македонскиот јазик оди и преку државните граници на Република Македонија (во Пиринска и Егејска Македонија, како и во пограничјето со Албанија и Косово).

Четврто, кардинална неточност е дека македонскиот јазик бил „признат“ на Третата конференција на УНГЕГЕН во Атина 1977 година. Што е признато овде, ќе видите во коментарите подолу.

Ова што го кажувам ќе ви го каже секој чесен и достоинствен македонист, кој работи во полза на својата на професија, а не во полза на разнебитената политичка партија која на ситно ја распродаде Македонија за „туѓи бели дворови“. Од денес, ние, Македонците, ќе си `ргаме како робови благодарение на нив!“, реагираше Улчар.

Само за професорот Људмил Спасов, кој член на СДСМ и претседател на Советот за македонски јазик именуван од Владата, нема никаков проблем во формулациите на оваа Унулатерална изјава.

Тој во изјава за Дојче веле вели дека во Унилатералната декларација на македонската влада во врска со македонскиот јазик која е поднесена до ЕУ се дефинира стандардниот литературен македонски јазик и во неа нема ништо спорно.

„Овде се работи за стандардниот литературен јазик во македонската декларација. Тој јазик уште од времето на Мисирков, потоа Конески и потоа Комисијата за јазик и правопис е стандардизиран врз основа на следните говори: Битола, Велес, Прилеп и Кичево. Тој јазик се темели на нив“, вели професорот Спасов.

Според него ваквата дефиниција е на линија со граматиката на Конески од 1952 година, со која што се стандардизира јазикот, како и на Правописот издаден во 1945 година.

Во изјавата, македонскиот јазик се сведува единствено на границите на македонската држава, редно е научните и високообразовните институции сложно да застанат на страната на меѓународно признатите научни факти за македонскиот јазик, реагираат лингвистите.