Home Шоубизнис Ќе има ли трета сезона на „Аутлендер: Крв од мојата крв“? Еве што е познато по неизвесното финале

Ќе има ли трета сезона на „Аутлендер: Крв од мојата крв“? Еве што е познато по неизвесното финале

Промотивна фотографија за „Аутлендер: Крв од мојата крв“

Заврши втората сезона на „Аутлендер: Крв од мојата крв“, серијата што ја раскажува предисторијата на хитот на „Старз“, „Аутлендер“.

Последната епизода од сезоната беше прикажана во петокот, на 27 ноември, само три месеци по премиерата. Финалето ги остави гледачите во неизвесност за судбината на двајца главни ликови, па се наметнува прашањето дали приказната ќе продолжи со трета сезона.

Џереми Ирвин и Хермајони Корфилд во сцена од „Аутлендер: Крв од мојата крв“

За што раскажува серијата?

Новата сезона ја прикажува истрајната љубов на двете главни двојки и надежта за опстанок пред војната што се наѕира, додека тие се борат еден за друг и за иднината на Шкотските Висорамнини. Неочекувано патување низ времето ги остави Хенри и Џулија Бичам изгубени и разделени во Шкотска во 18 век. Првата сезона заврши со нивната повторна средба кај камениот круг Крејг на Дан, со надеж дека ќе се вратат во своето време и кај малата ќерка Клер. Втората сезона продолжува токму од тој момент, но ја прикажува очајната Џулија сама со нивното бебе. Одвоен од саканата и лишен од надеж, Хенри се соочува со сопствените психички тешкотии додека се обидува повторно да стигне до неа.

Во меѓувреме, забранетата љубов меѓу Брајан Фрејзер и Елен Мекензи навидум ги надмина сите пречки. Но нивното романтично бегство беше прекинато со палењето на крстовите што повикуваат на борба и почетокот на јакобитското востание во 1715 година, кое ги вовлече клановите во војна. Во првата сезона тие ја избраа својата љубов наместо семејствата, а сега мора да ѝ дадат предност на верноста кон клановите. Брајан ја исполнува должноста да се бори, додека Елен се обидува да ги поправи односите со своето семејство.

Во текот на втората сезона, двете млади двојки повторно се соочуваат со искушенија и разделби предизвикани од сили врз кои немаат контрола, додека секој клан избира страна во востанието.

Кој игра во предисторијата на „Аутлендер“?

Џереми Ирвин и Хермајони Корфилд ги толкуваат Хенри и Џулија Бичам, Џејми Рој е Брајан Фрејзер, а Хариет Слејтер ја игра Елен Мекензи. Во актерската екипа се и Тони Каран како Сајмон Фрејзер, лорд Ловат, Шејмус Меклин Рос како Колум Мекензи, Сем Ретфорд како Дугал Мекензи, Рори Александер како Мурта Фицгибонс Фрејзер и Конор Мекнил како Нед Гауан.

Предупредување: следуваат детали од финалето!

Третата сезона сè уште не е потврдена

До објавувањето на текстот, „Аутлендер: Крв од мојата крв“ нема добиено зелено светло за трета сезона.

Во финалето на втората сезона, и Хенри и Џулија се најдоа во шокантни ситуации на работ на смртта. Извршниот продуцент Метју Б. Робертс навести што би можело да значи тоа за нивната судбина.

„Да се надеваме дека не е смрт, туку дека се блиску до смртта“, изјави тој за „Ентертејнмент викли“. „Ја пишуваме сезоната многу пред да почнеме со снимање, па знаевме дека сакаме да стигнеме до ова големо, неизвесно прашање: дали ќе преживеат?“

Извршната продуцентка Мерил Дејвис додаде дека токму тоа што „не знаеме што ќе им се случи“ во ниту еден момент од серијата ги прави Џулија и Хенри толку интересни.

„Тие не се дел од ниту еден од плановите на Дијана Габалдон, авторката на ‘Аутлендер’, па можеме слободно да си поигруваме со нивните животи“, рече таа. „Во главната серија, секако, знаевте дека Џејми и Клер нема да исчезнат од приказната. Но за овие двајца не знаеме дали ќе стигнат до крајот. Не знаеме дали ќе се појават во третата сезона.“

Во септември, Хермајони Корфилд за австралиското издание на „Вараети“ изјави дека очекуваат да дознаат дали серијата ќе добие нова сезона „во следните два месеца“.

„Можеби за два и пол месеци. Се надевам дека тоа ќе ни биде предвремен божиќен подарок“, додаде Хариет Слејтер.


Извор: Just Jared

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Шоубизнис
Comments are closed.

Check Also

„Кербер“ со два концерта во Белград: За Гале, секој настап е голема прегратка со публиката

Поради големиот интерес, „Кербер“ ќе одржи два концерта во МТС Дворана, на 8 и 9 декември.…