Празничните декорации на Ејми Сонг се спој на природни материјали, внимателно избрани украси и впечатливи аранжмани. Инфлуенсерката и модна претприемачка на својот инстаграм-профил покажа како рустичните елементи можат да се вклопат со елегантни детали, без просторот да се преоптовари со традиционални новогодишни мотиви.
Камин со раскошна гирланда, богато украсена елка и свечено уредена трпеза се дел од идеите што ги сподели Ејми Сонг (@aimeesong). Во нив се менуваат длабоки бордо нијанси и посмирени комбинации на бела, беж и зелена боја, па инспирација може да се најде за различни ентериери.
Различни стилови во складна празнична целина
Нејзините декорации покажуваат како природните материјали, топлото осветлување, цветните аранжмани и избраните украси можат меѓусебно да се надополнуваат. Секој дел од домот добива свој карактер, а целината останува усогласена. Ова се деталите што се издвојуваат како идеи за претстојните празници.
Дневна соба со елка и рустичен камин
Во средиштето на дневната соба е масивен камен камин со груба, скулптурална текстура. Од неговата десна страна е поставена богата асиметрична гирланда од суви растенија во бордо и црвени тонови, како амарант и бобинки. Таа продолжува со темнозелени иглолисни гранки што се спуштаат до подот. Контрастот со природната површина на каменот дополнително ја истакнува декорацијата.
Покрај прозорецот со роло-завеса од природна плетка стои удобна беж фотелја. Во десниот агол е сместена елка украсена само со светилки со топла бела светлина. Нивниот ненаметлив сјај создава празнично расположение и без дополнителни украси.


Свечена трпеза со бордо акценти
Уредувањето на празничната трпеза се потпира на едноставни, природни елементи, а резултатот е елегантен и впечатлив. Долгата маса е покриена со бела ленена покривка со реси, а околу неа се наредени дрвени столови на преклопување.
По средината на масата се распоредени раскошни ниски цветни аранжмани во длабоки црвени и бордо нијанси, дополнети со високи, тенки свеќи во црвена и медена боја. Во заднината се гледа камин обрабен со густа зелена гирланда, која ја поврзува трпезаријата со останатиот празнично уреден простор.

Камин со минималистички украси во неутрални бои
Сонг прикажа и поинакво уредување на каминот, наменето за оние што претпочитаат посведена празнична декорација. Над масивниот камен камин виси едноставен, воздушест венец од избелени суви растенија, а по работ е поставена уредна гирланда од темнозелени листови еукалиптус.
Од каминот висат четири меки украсни чорапи од букле или крзно, наизменично во бела и беж, односно камел нијанса. Во ложиштето се уредно наредени брезови цепеници, а покрај него стои мала саксија со минијатурна елка. Наспроти раскошната бордо варијанта, тука главната улога ја имаат неутралните бои и едноставните детали.


Раскошна елка со украси во неутрални тонови
За украсувањето на елката, Ејми Сонг избрала побогата комбинација. Високата, густа зелена елка е осветлена со топли светилки и дополнета со разновидни украси во неутрални и монохроматски тонови. Преовладуваат мат и сјајни лампиони во боја на шампањ, сребро и злато.
Извор: Lepota i Zdravlje