
Хана Сторм сподели добра вест за своето здравје. Во средата, на 28 октомври, 64-годишната новинарка на ЕСПН соопшти дека по неодамнешната хистеректомија, операција за отстранување на матката, повеќе нема рак.
Сторм, која претходно учествувала на Њујоршкиот маратон, откри дека по совет на лекарите нема да трча на годинашната трка.
„Годинава ќе навивам за моето семејство од ЕСПН и Еј-Би-Си на Њујоршкиот маратон од мојата дневна соба. Се надевав дека ќе се вратам навреме за неделната трка, но лекарите ме советуваа да си дадам уште малку време за закрепнување по операцијата“, напиша таа на својата приказна на Инстаграм.
„Најважно од сè, многу сум благодарна што по хистеректомијата повеќе немам рак. Голема благодарност до д-р Моника Прасад-Хејс и нејзиниот прекрасен тим во центарот за рак ‘Тиш’ при ‘Маунт Синај’“, додаде Сторм.

На крајот им посака среќа на сите што ќе учествуваат на маратонот во недела за да поддржат добротворни цели, меѓу кои и фондацијата „Хана Сторм“. „Се гледаме наскоро во ‘Спортсцентар’!“, порача таа.
Во 2024 година, Сторм откри дека ѝ бил дијагностициран неинвазивен рак на дојка во нулта фаза, наречен дуктален карцином ин ситу (DCIS). Кај оваа состојба клетките што ги обложуваат млечните канали станале канцерогени, но не се прошириле во околното ткиво на дојката.
Во тогашното интервју за „Пипл“, таа рече дека пред дијагнозата немала никакви знаци на болеста.
„Да не направев мамографија, немаше да знам дека ова е присутно, а можеше да стане многу поопасно, многу посериозно и потенцијално смртоносно“, изјави Сторм.
Извор: Just Jared