Home Вебкафе Пријатели: Серија што ги натера миленијалците да поверуваат во пријателството – 31 година подоцна, секогаш ќе бидат тука за нас!

Пријатели: Серија што ги натера миленијалците да поверуваат во пријателството – 31 година подоцна, секогаш ќе бидат тука за нас!

Дали сè уште ги бинџувате „Пријатели“ како да е 1994?

Беше далечната 1994 година кога на каналот NBC се појави една нова серија. Шестмина млади њујорчани, со хаотичен љубовен живот, бескрајни дилеми и пријателства што изгледаа пореални и од нашите секојдневни. Малкумина тогаш можеа да претпостават дека „Friends“ – или како што ние ја знаеме, „Пријатели“ – ќе стане симбол на цела генерација и една од најомилените ТВ серии на сите времиња.

По десет сезони, 238 епизоди и милиони обожаватели ширум светот, „Пријатели“ остануваат присутни – на секој стриминг сервис, во секоја референца, и во секој виц кој сè уште одекнува низ интернетот. Од познатата „фризура на Рејчел“ што стана глобален бјути тренд, преку легендарните досетки на Чендлер што денес повторно стануваат вирални, па сè до песната „Smelly Cat“ што ја пеат и генерации родени долго по крајот на серијата – влијанието на „Пријатели“ не бледнее.

Нивната формула беше едноставна, но генијална: шест рамноправни главни ликови, секој доволно различен за секој да се препознае во барем еден од нив. Ни докажаа дека пријателите навистина може да бидат семејство, дека проблемите се решаваат на портокаловиот кауч со шолја кафе во Централ Перк, и дека љубовта, и кога е комплицирана, има смисла.

Интересно е што „Пријатели“ можеле да изгледаат сосем поинаку. Наместо култната песна „I’ll Be There For You“, првичната идеја била да се употреби „Shiny Happy People“ од групата REM. Џои требало да биде заводник, Чендлер хомосексуалец, а Рејчел всушност Монника. Но коцките се наредија како што треба – и настана серија што ја промени телевизиската историја.

Во текот на годините, низ серијата поминаа најголемите холивудски имиња – од Бред Пит и Џулија Робертс до Џорџ Клуни и Робин Вилијамс. Епизодите рушеа рекорди на гледаност, а самата серија освои повеќе од 60 награди, меѓу кои и шест Емија. Иако снимана во студио, „Пријатели“ создаде толку силно чувство на реалност, што кафулиња во стилот на Централ Перк почнаа да никнуваат ширум светот – од Лондон до Пекинг.

Зад камерите, шесте тогаш непознати актери навистина станаа пријатели. Преговараа за исти хонорари, се поддржуваа еден со друг и останаа блиски дури и под притисокот на огромната слава. Таа автентична поврзаност се чувствуваше и преку екраните – и токму затоа ги засакавме сите до еден.

Секако, времето си го направи своето. Смртта на Џејмс Мајкл Тајлер (Гантер), а потоа и ненадејното заминување на Метју Пери (Чендлер), донесоа тажен и болен крај на една ера. Но, додека ги гледаме репризите, Рејчел и Рос сè уште се вљубуваат, Монника и Чендлер создаваат семејство, Фиби ги пее своите песни, а Џои е верен на сендвичите.

На крајот, последните зборови од серијата останаа Чендлерови – кратки, духовити и симболични. Кога Рејчел праша: „Одиме на кафе?“, тој одговори: „Секако. Каде?“ – како да ни порача дека „Пријатели“ засекогаш ќе бидат со нас.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Вебкафе
Comments are closed.

Check Also

Како да бидеш самоуверена жена во секоја прилика

Многу е полесно отколку што мислите! Секогаш кога самоуверена жена ќе влезе во просторија,…