Армани – име што одекнува како шепот на луксузот, синоним за безвремена елеганција и чиста модна магија.
Веста дека Ѓорѓо Армани нè напушти на 91-годишна возраст ја замолкна и осиромаши модната сцена, но воедно и нè потсети колку еден човек со својата визија, храброст и перфекционизам засекогаш ја обликуваше модната индустрија. Армани не беше само дизајнер – тој беше уметник, визионер и неуморен работник, човек што од ништо создаде светска империја, без никогаш да ја изгуби скромноста.
Роден на 11 јули 1934 година во шармантната Пјаченца, Армани ја започнал својата кариера далеку од модната писта – како уредувач на излози. Но, талентот кој го поседувал не можеше да остане незабележан. Неговата способност да го „слушне“ материјалот и формата, го претвори во клучен дизајнер за Нино Черути, а потоа дојде и пресудниот момент – во 1975 година, заедно со неговиот партнер Сержо Галеоти, ја основа Џорџо Армани С.п.А. Првата колекција на машки костуми донесе вистинска модна револуција – полесни ткаенини, опуштени линии, совршена силуета. Така Армани го доби прекарот „Кралот на блејзерите“, а веќе следната година го освои и женскиот свет со колекција што претставуваше синоним за софистицираност.
Осумдесеттите беа неговата златна ера. Филмот „Американски жиголо“ отиде чекор подалеку и го лансираше неговиот „power suit“ во модната орбита. И мажи и жени ширум светот сакаа едно – Армани момент во нивниот плакар. Но тој никогаш не беше обичен моден креатор. Тој беше пионер: прв кој ги пренесуваше модните ревии во живо, прв кој забрани премногу слаби тела на писта, прв што ја спои модата со етиката и здравјето.
Неговата империја не сопре на облека. Армани создаде цел свет – од парфеми и модни додатоци, преку мебел и хотели, до ресторани. Повеќе од 500 продавници ширум светот сè уште ја чуваат неговата препознатлива естетика – минималистичка, елегантна, совршено скроена.
Во текот на неговиот живот, беше одликуван со највисоки признанија – од италијански ордени до францускиот Орден на Легијата на честа. Но неговата филозофија секогаш беше едноставна: „Модата не е само облека, тоа е начин на постоење.“ Токму таков стил на живот го одбележуваа посветеност, достоинство и одговорност – нешто што го покажа дури и во 2020 година кога, поради пандемијата, ја откажа ревијата и донираше милиони евра на болници.
И додека модната сцена тагува по заминувањето на еден од нејзините најголеми, неговото наследство останува. Армани ни покажа дека упорноста, визијата и страста можат да ги поместат границите, а дека елеганцијата никогаш не излегува од мода.