1. ПОВРЕМЕН ПОСТ — НЕ Е ЗА СЕКОГО
Да, сите зборуваат за тоа — јадеш помалку, имаш повеќе енергија, топиш масни наслаги… Звучи совршено. Но вистината е дека повремениот пост, или таканаречен intermittent fasting, не делува исто кај секого. Особено кај жените во репродуктивен период, претераното гладување може сериозно да ги наруши хормоните и дури да доведе до исчезнување на менструалниот циклус.
Совет: Ако чувствуваш дека си без енергија, спиењето ти е нарушено или циклусот ти забегал — време е да направиш пауза и да се консултираш со стручно лице.
2. БИЛКИ ЗА СМАЛУВАЊЕ НА СТРЕСОТ — ПРЕМНОГУ ОД ДОБРОТО МОЖЕ ДА СТАНЕ ЛОШО
Aшваганда, мака, родиола… сите ги земаат за “смирување” и за рамнотежа на хормоните. Но, овие билки директно влијаат на хормонскиот баланс, па ако ги земаш без водство, може да се случи вистински хормонски хаос — нарушен естроген, тестостерон или кортизол.
Совет: Пред да се нафрлиш на нов тренд со билки, поразговарај со лекар или нутриционист.
3. СТУДЕНИ КАПКИ — АКО ТЕЛОТО ТИ СЕ ЖАЛИ, СЛУШАЈ ГО
Ледени бањи се хит на TikTok — подобар имунитет, циркулација, почиста глава. Но реалноста е дека секојдневно изложување на шокови со студена вода може да биде стрес за телото, особено ако си хронично уморна, под стрес или имаш проблеми со тироидната жлезда.
Совет: Почни нежно. Ако после секоја ладна купка се чувствуваш уште поуморено — можеби ова не е твојот тренд.
4. СУПЛЕМЕНТИ БЕЗ ДОКТОРСКИ НАДЗОР? ГОЛЕМО НЕ
DHEA, мелатонин, билки за “баланс на хормони” — звучи како магично решение. Но, земање хормони или билни препарати без соодветни анализи и препораки од стручно лице може да направи уште поголем хаос — нередовни циклуси, анксиозност, акни…
Совет: Пред да се заиграш со “поправка” на хормони по сопствена проценка, направи хормонални анализи и консултација со лекар.
5. ОПСЕСИВНО СЛЕДЕЊЕ НА ЗДРАВЈЕТО — НАМЕСТО МИР, ДОБИВАШ СТРЕС
Паметниот часовник ти ги следи чекорите, пулсот, спиењето… Сето тоа звучи корисно, но кога ќе западнеш во замка на постојано анализирање на секое чукање на срцето, мозокот ти оди во аларм-режим. Дополнително, синото светло од екранот ноќе можe да ти го наруши спиењето, да го намали мелатонинот и да направи хормонски дисбаланс.
Совет: Исклучи ги уредите пред спиење, релаксирај се, довери се на телото и интуицијата наместо само на бројки и статистика.
Вистинската нега за себе не е секогаш тренди, не мора да е вирална, ниту невообичаено спектакуларна. Здравјето бара доследност, нежен пристап кон себе, доволно одмор, правилна исхрана и слушање на своето тело. Не мораш да учествуваш во секој TikTok предизвик — понекогаш е доволен квалитетен сон, добар оброк и малку повеќе разбирање за себеси.