Клои Кардашијан изненади со тврдењето дека Тревис Баркер „никогаш не ја гледа“ сопругата Кортни Кардашијан. Во разговор со Ким Кардашијан, таа раскажа дека музичарот почувствувал потреба да ѝ објасни оти не е виновен за ретките средби меѓу сестрите.
„Вчера бев на настанот ‘Get Real’. Таму беше и Тревис, бидејќи го најавува својот документарец. Ми рече: ‘Само да знаеш, јас не сум причината што не се дружиш со Кортни’“, ѝ раскажа Клои (42) на Ким.
Ким (45) и Клои потоа се запрашаа што прави Кортни (46) „по цел ден“, па нема време за најблиските. По разговорот со Баркер (51), Клои добила повик од сестра си, која сакала да разјасни од каде дошле таквите претпоставки.
„Тој ми рече: ‘Сакам да знаеш дека ова не е поради мене’. Си заминав и си помислив: ‘Е, ова беше непријатно’. Потоа, доцна синоќа, Кортни ми се јави на Фејстајм, а со неа беа Тревис и нивниот син Роки“, продолжи Клои. „Никогаш не сум рекла дека Тревис е причината што сме се оддалечиле. Таа ми рече: ‘Морав да му објаснам дека јавноста мисли така — дека е поради Тревис’.“
Во изјава пред камерите, Клои објасни дека би сакала Кортни да најде подобра рамнотежа меѓу мајчинството, бракот и односите со другите блиски луѓе.
„Би сакала Кортни подобро да одржува повеќе блиски односи истовремено. Но, во ред е. Некои луѓе го умеат тоа, други не“, рече таа.
„Никогаш не сум посочила една личност како виновник. Таа е мажена и, пред сè, треба да поминува време со сопругот. И сум ѝ го кажала тоа. Само треба да научи како да најде рамнотежа и да не се посветува само на еден однос“, додаде Клои.
Гледачите со години го следеа приватниот живот на Кортни во реалното шоу Keeping Up With the Kardashians. Емисијата на Е! ја прикажуваше нејзината речиси десетгодишна врска со Скот Дисик, со кого доби три деца пред да се разделат во 2015 година.

По разделбата со Дисик, Кортни подоцна ја најде љубовта со Баркер. Се свршија во октомври 2021 година, а се венчаа во мај 2022 година. Двојката отворено зборуваше за обидите да добие заедничко дете, а во јуни 2023 година Кортни ја изненади јавноста со објавата дека е бремена.
Нивниот син Роки се роди во ноември 2023 година. Со Дисик (43), Кортни ги има и синовите Мејсон (16) и Рејн (11), како и ќерката Пенелопе (14).
Претходно во оваа сезона на The Kardashians, Кортни се осврна и на гласините дека нејзиниот брак со Тревис е завршен.
Извор: US Weekly