По речиси една деценија правни битки, меѓусебни обвинувања и несогласувања околу заедничкиот имот, Бред Пит и Анџелина Џоли затворија еден од најдолгите спорови што го следеа нивниот развод.

Поранешните сопружници постигнаа вонсудска спогодба за имотот и винаријата „Шато Миравал“ во Франција, со што избегнаа уште еден голем судски процес.
Договорот предизвика голем интерес во јавноста, бидејќи правните судири меѓу двете холивудски ѕвезди траеја со години и продолжија и по официјалното завршување на нивниот брак.

„Шато Миравал“ има посебно значење во нивното заедничко минато. Пит и Џоли го купија луксузниот француски имот во 2008 година, а во 2014 година таму се венчаа на интимна церемонија во присуство на нивните деца.
Местото што некогаш ја симболизираше нивната љубов и семејниот живот подоцна се најде во средиштето на долгогодишна правна битка.
Пресвртот дојде откако адвокатите на актерот и актерката побараа отфрлање на меѓусебните тужби. Со тоа беше избегнато јавното судење во Лос Анџелес, предвидено за следната година.
Внимание привлече и нивното заедничко соопштение, со оглед на тоа што поранешните сопружници веќе долго време ретко се огласуваат заедно за иста тема.
„Постигнавме вонсудска спогодба во најдобар интерес на нашето семејство и нема дополнително да коментираме. Сите коментари во медиумските написи што им се припишуваат на ‘извори’ не доаѓаат ниту од нас ниту од некој што ни е близок“, порачаа Пит и Џоли.
Според претходните процени, вредноста на имотот до 2021 година достигнала 164 милиони долари. Спорот дополнително се усложни кога Анџелина го продаде својот сопственички удел на рускиот милијардер Јуриј Шефлер за 64 милиони долари, што доведе до нови правни несогласувања меѓу поранешните партнери.
Завршувањето на имотниот спор, сепак, не значи дека Пит и Џоли ги надминале сите проблеми од минатото. Нивниот однос по разводот остана многу сложен, а семејните околности и натаму го привлекуваат вниманието на светските медиуми.
Според повеќе медиумски извештаи, наводно ниту едно од нивните шест деца не е во контакт со таткото. Особено внимание предизвикаа промените на презимињата: Шајло, Медокс, Захара и Вивиен се откажаа од презимето Пит, што дополнително ги поттикна написите за длабок раздор во семејството.
Со спогодбата се затвора уште еден значаен правен спор меѓу поранешните сопружници. Но, иако прашањето за францускиот имот е решено, последиците од нивната бурна разделба, се чини, уште долго ќе го обележуваат нивниот семеен живот.
Извор: Story.rs