Во спектакуларниот амбиент на италијанската Кампања, во величествените одаи на кралската палата Казерта (Ла Реџа ди Казерта), Шерон Стоун уште еднаш покажа зошто со право ја носи титулата модна икона од светски ранг.
Првата ревија на новата колекција Max Mara Cruise 2026 мина во знакот на софистицираноста, а Шерон со своето појавување ја воодушеви публиката. Засјаа во маслиновозелена свилена креација што на најженствен можен начин ја истакнуваше нејзината фигура. Нежната нијанса зелено со топол, земјен подтон совршено се вклопи со нејзиниот златнокафеав тен и го нагласи природниот сјај на нејзиното лице. Целата комбинација се движеше на границата помеѓу сериозна елеганција и заводлива женственост, со доза на аристократска енергија – идеална за ваков престижен настан.
Модната куќа Max Mara, позната по својата безвременска италијанска естетика уште од 1951 година, ја претстави новата Cruise колекција токму во Казерта – сосема намерно. Ова историско место е ризница на еден од најголемите модни архиви во Италија, со над 20.000 историски парчиња и 50.000 списанија – вистинско модно богатство. Уметничкиот директор на брендот, Јан Грифитс, ја опиша ревијата како „ода на женската сила, софистицираност и неодоливата неаполска елеганција“, вредности кои Шерон Стоун со леснотија и стил ги претстави на модната писта.
Во првите редови на ревијата заблескаа и други ѕвезди од светската сцена – Гвинет Палтроу, Џои Кинг, Хејли Атвел, Алекса Чанг, Леони Хане и Летисија Каста, сите облечени во парчиња од Max Mara, со што му оддадоа признание на беспрекорното наследство на овој бренд.
И уште еднаш, Шерон Стоун докажа дека годините за вистинската класа и личниот стил не значат апсолутно ништо. Нејзината маслиновозелена тоалета беше потсетување на тоа колку има сила во едноставноста, колку трае вистинската елеганција и колку автентичната женственост може да биде моќна.