Home Мода и убавина Моден земјотрес во Баленсијага

Моден земјотрес во Баленсијага

Пјерпaоло Пичоли ја презема креативната палка во култната модна куќа – и најавува нова ера на висока мода!

Модниот свет е во пријатен шок! Летната сезона 2025 година носи едно од најголемите модни изненадувања: легендарниот италијански дизајнер Пјерпaоло Пичоли, умот зад незаборавните кутур колекции на Валентино, официјално станува новиот креативен директор на брендот Баленсијага. Оваа вест одекнува како стилска експлозија и означува почеток на ново поглавје за француската модна куќа основана од славниот Кристобал Баленсијага.

КРЕАТИВЕН АРИСТОКРАТ СО ВИЗИЈА

Пјерпaоло не е само дизајнер – тој е вистински уметник на елеганцијата. Неговиот препознатлив стил во Валентино беше нежен, софистициран но истовремено и крајно модерен. Откако девет години самостојно го водеше брендот, сега ја носи истата страст и прецизност во Баленсијага, стремејќи се да ги спои храброста, емоцијата и модната интелигенција.

Во неговите зборови: ова не е само работа – ова е мисија. Неговата цел? Да ја освежи ДНК-та на брендот со нови, смели идеи, но секогаш со искрена почит кон традицијата и богатото културно наследство на Баленсијага.

ПРВИ КОРАЦИ И ГОЛЕМОТО ДЕБИ

Иако неговата официјална функција ќе започне на 10 јули 2025 година, веднаш по последната кутур ревија на неговиот претходник Демна Гвасалија, Пичоли веќе работи на својата прва колекција која ќе биде прикажана на Париската модна недела за пролет/лето 2026 година.

Неговото назначување ја воодушеви модната индустрија. Франческа Белетени, потпретседателка на компанијата Керинг, изјави: „Пјерпaоло е еден од најталентираните и најпочитуваните дизајнери на нашето време. Неговото чувство за висока мода и способноста да го спои класичното со современото го прават совршен избор за Баленсијага“.

ОД НЕТУНО ДО ПАРИЗ – ПРИКАЗНА НА ВИЗИОНЕР

Пичоли е роден во крајбрежниот италијански град Нетуно, студирал книжевност во Рим (да, дизајнер кој цитира Достоевски!), а потоа стажирал кај Брунело Кучинели, познат по своето мото „етика на луксузот“. Работел и во Фенди, рамо до рамо со Марија Грација Ќури, пред да се приклучи кон Валентино во 1999 година. Од 2016 година па наваму, целосно сам го водеше брендот, креирајќи едно спектакуларно модно дело по друго.

БАЛЕНСИЈАГА ДЕНЕС – ЛУКСУЗ ВО ВОЗРАСТ

И покрај контроверзиите на крајот од 2022 година, Баленсијага бележи неверојатен опоравок. Во 2024 година, оствари приход од 1,66 милијарди евра, поддржан од силната продажба на луксузни чанти и производи од кожа. Новите чекори во менаџментот, како и унапредувањето на Натали Рено во заменик-главен извршен директор, покажуваат дека брендот има јасна и амбициозна стратегија за раст.

ШТО НЕ ОЧЕКУВА?

Пјерпaоло не ја крие својата возбуда – и уште поважно, пристигнува со свежа енергија и визија. Неговото ветување е јасно: „Започнувам одморен и подготвен. Сакам да го оживеам наследството на Кристобал Баленсијага преку смели, но со почит направени идеи кои ќе ја слават креативноста и духот на брендот“.

Неговото доаѓање значи враќање кон автентичната висока мода – онаа што возбудува, инспирира и ги поместува границите. Ако некој може да и ја врати уметничката големина на Баленсијага – тоа е Пјерпaоло Пичоли.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

СПФ секогаш при рака: 6 стикчиња за заштита од сонце во движење

SPF во џеб: 6 стикчиња за заштита од сонце додека си во движење Во време кога веќе немаме …