Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Македонската литература и култура денес одбележува 80 години од печатењето и издавањето на една од најважните книги за нашата книжевност, „Бели мугри“, од поетот, социјален критичар и револуционер, Коста Солев Рацин.
На денешен ден (25 ноември), пред 80 години, во 1939 година, во хрватското градче Самобор, лоцирано во непосредна близина на Загреб, во печатницата на Драгутин Шпулер, излегла од печат стихозбирката „Бели мугри“ од македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин. „Бели мугри“ претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература, составена од 12 песни, меѓу кои „Денови“, „Ленка“, „Тутуноберачите“, „Копачите“, „На Струга дуќан да имам“ и други, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми. Насловот е симболичен – означува ново утро, нов почеток кој бил посакуван од работниците, аргатите, експлоатираните луѓе, а создадена е под влијание на народната поезија, како и на „Зборникот“ на браќата Миладиновци.
Познавачите на делото на Рацин посочуваат дека заслужен за издавањето на „Бели Мугри“ е познатиот хрватски и југословенски писател Мирослав Крлежа кој го поддржал излегувањето од печат на стихозбирката која не можела да се издаде во Македонија бидејќи во тоа време таа била во рамки на Кралството Југославија. Поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот Коста Солев, тој ја објавува под псевдонимот „К. Рацин“, кој го зел заради неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца.
Тоа е трета стихозбирка објавена на македонски јазик по стихозбирките на Венко Марковски „Народни бигори“ и „Огинот“, во 1938 година.
Koста Апостолов Солев Рацин (22 декември 1908 во Велес –13 јуни 1943 во Лопушник) се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика. Прекарот Рацин доаѓа од неговата сакана Рахилка Фирфова – Раца. Рацин кратко време користел и друг псевдоним, Невен Пејко, кој го зеде од неговата втора љубов – Невенка Вуиќ. Сè уште не се разјаснети сите подробности околу неговата смрт, поради што постојат сомневања дека бил убиен.
ПРОШТАВАЊЕ
На печалбарите
Не ли ти кажав, не ли ти кажав,
не ли ти реков на проштавање?
Ич не ме чекај, ич не ме пекај
Белград е ламња, во Белград ја роб,
снага по туѓи палати оставам,
снага во усти несити клавам,
и дома – дома не ќе се вратам,
не ќе ги пијам очите твои
не ќе ја галам снагата твоја –
далеку негде сувата рака
по тебе, Вело, пустата мака
пуста ќе остане…
Знам оти ѓердан веќе не нижеш,
знам оти чеиз и ти не везеш,
знам, Вело, пусто остана сичко –
не ли си и ти аргатка клета?
Тутуни садиш, тутуни нижеш,
тутун таговно у монопол редиш,
ме споменуваш и ем си жалиш
денови – крепи тешки си редиш –
Величко, мори, другачко златна!
Но почуј, Вело, што ќе ти кажам!
Не ми се, Вело, жали и клети!
Подигни очи – очи засвети
онија очи, што душа горат!
Тој што ни, Вело, однесе сичко –
тој ни остави од темно темен
веков за мака – но и за борба.
Има на вој свет како нас многу!
Има ги, има – мачат се, копат,
копачи копат по темнината,
копачи копат и тунел дупат.
И има, има – радост голема
радост длабока во темнината:
да светиш, Вело, жар да се стопиш
во борба гроб ти душа не зема!