42 новоотворени предмети на Антикорупциската комисија за можен непотизам


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Антикорупциска комисија објави 42 новоотворени предмети со истрага за можен непотизам. На листата се најдоа роднини на актуелни и поранешни државни функционери. Министри, пратеници, градоначалници, амбасадори, директори на јавни институции, на државни фирми и агенции, како и судии и членови на судски совет, генерални секретари и советници.

Сите се под сомневање за постоење судир на интереси во случаи кога биле вработувани нивни роднини. За поголемиот дел од лицата кои се најдоа на списоците јавноста веќе дозна преку медиумите, но некои имиња за прв пат беа претставени денеска во Антикорупциската комисија.

Како новина се спомнаа имињата на сестрите на министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу – Ајсел Фазлиу, која работи во МВР – и Ведра Фазлиу која работи во Владата. Тука е и внукот на министерот Фазлиу, Абдул Кадел, кој е унапреден во директор за безбедност на железничкиот систем.

Внукот на пратеничката Фросина Ременски, Зоран Ременски се вработил во ЕЛЕМ. Пратеничката на СДСМ, Тања Ковачева е под сомнение дека влијаела да се вработат нејзиниот сопруг, сестра и зет од сестра.

„Мислам дека од истражувањата кои ќе произлезат од веќе започнатите и од овие предмети, ќе видиме по каква постапка за вработување се сите вработени. Дали имало обезбедено фер конкуренција, какви критериуми имало употребено“, рече Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Антикорупционерите објавија и предмети за можен непотизам во случаи на пратеникот и екс-министер, Антонио Милошоски, чии вујко, братучед, братучетка и снаа се вработени во државни институции. На листата се најде и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев чии сестра и татко работат во МВР, односно во Центарот за управување со кризи.

Сопругата пак, на екс-генералниот секретар на владата Кирил Божиновски, била вработена во Агенцијата за електронски комуникации. Дали постои непотизам ќе мора да се утврдува и за ќерките на поранешната претседателка на Уставниот суд, Елена Гошева. Инаку, баџанакот на Талат Џафери, Нури Бајрами, соопшти дека нема да работи на случајот поврзан со неговата внука, случајот ќе го преземе претседателката на антикорупциска.

„Во овој случај, бидејќи е во прашање етика и морал, така треба да се постапи. Тоа веќе комисијата го знае, јавноста го знае и за тоа ќе се постапи согласно законот“, изјави Бајрами.

На денешната седница на комисијата беше е одлучено да се покрене прекршочна постапка против Азис Положани, ректорот на Државниот универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје поради недоставување анкетен лист за имотната состојба.

Положани на функцијата е избран во април минатата година, а сè уште нема доставено анкетен лист за неговиот и за имотот на членовите на неговото семејство. Законот вели дека бил должен тоа да го направи во рок од 30 дена по стапувањето на функцијата.

Извор: Алсат-М