30 години од „раѓањето“ на македонскиот денар


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На 26 април 1992 година, пред 30 година, Република Македонија монетарно се осамостои воведувајќи ја новата македонска валута наречена „денар“.

Подготовките за спроведување на монетарното осамостојување започнуваат веднаш по прогласувањето на независноста и донесувањето на Уставот на Македонија.

Во овој период, СФР Југославија беше зафатена од многу висока инфлација, предизвикана од упадот на Србија, Хрватска и Словенија во монетарниот систем, така што тоа делуваше како причина за што побрзо монетарно осамостојување на Македонија.

Притоа, Народната банка на Македонија инстистирала да не се избрзува со монетарното осамостојување, т.е. тој чин да се одложи до моментот кога ќе се формираат доволно девизни резерви (според тогашните проценки, од 300 до 360 милиони долари) за набавка на основните животни производи (храна, лекови, нафта итн.).

За спроведување на монетарното осамостојување, во 1991 година, Владата на Република Македонија формира Комисија за монетарен систем во состав: Никола Кљусев – претседател на Владата, Методија Тошевски – министер за финансии, Борко Станоевски – гувернер на НБМ и професорите Ксенте Богоев и Љубе Трпески. На 19 декември 1991, Владата на Република Македонија носи одлука со која ја овластува Народната банка на Македонија да го организира процесот на печатење и дистрибуција на вредносни бонови како привремено платежно средство. На 7 февруари 1992 г., во трезорите на НБРМ се депонирани 27.858.696 парчиња вредносни бонови, печатени во печатницата „11 Октомври“ од Прилеп.

Боновите се издадени во апоенска вредност од 10, 25, 50, 100, 500 и од 1 000 единици со унифициран дизајн и со различна боја. На предната страна на боновите се претставени тутуноберачи, а на задната страна е споменикот Македониум во Крушево, дело на вајарот Јордан Грабул. Заради ефектите на галопирачката инфлација, подоцна се печатат и вредносни бонови со апоенска вредност од 5000 и 10000 единици.

На Велигден, 26 април 1992 година, Собранието на Република Македонија донело пакет закони со кои се поставила институционалната рамка на монетарниот систем и се воведува денарот како парична единица на Република Македонија.

Денарот се дели на 100 дени, а неговиот скратен назив во платниот промет е ДЕН. Името на македонската валута – денар – е донесено на предлог на академик Петар Илиевски, како израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период.

Претходно, на состаноците на Комисијата за монетарен систем биле разгледувани неколку предлози за името на македонската валута, како: македонски динар или лав. На 27 април 1992 година започнала замената на книжните југословенски динари со вредносни бонови во однос 1:1, при што замената трае три дена. Книжните пари што гласат на југословенски динари дефинитивно престануваат да важат како платежно средство во Република Македонија на 29 април 1992, додека кованите пари со апоенска вредност од 1, 2 и од 5 југословенски динари остануваат во оптек уште една година.

По пуштањето во оптек на вредносните бонови, НБРМ започнува со подготовките за издавање на првата стандардизирана емисија на македонски денари (банкноти во апоени од 10, 20, 50, 100 и од 500 денари и монети со вредност од 50 дени и од 1, 2 и од 5 денари).

Така, на седницата на Советот на НБРМ, одржана на 10 декември 1992, е донесена одлука за распишување конкурс за изработка на новите пари. Во 1993 година беше пуштена серија од банкноти во вредност од 10, 20, 50, 100 и 500 денари, а во 1996 година биле воведени и банкноти во вредност од 1000 и 5000 денари.

Во 2016 година биле воведени и банкноти од 200 и 2000 денари. Истовремено, книжните пари со апоенска вредност од 5000 денари беа повлечени од оптек како последица на нејзината незначителна примена во секојдневните трансакции и намалената побарувачка од страна на банките.

Во 2018 година, Народната банка, која го има правото да издава книжни и ковани пари, ги замени банкнотите од 10 и 50 денари со нови полимерни банкноти.

Почнувајќи од 1996 година, НБРМ издава и јубилејни монети за колекционерски цели.

Денес, во земјава како платежно средство се користат книжни банкноти од 10, 50, 100, 200, 500, 1000 и 2000 денари и метални монети во вредност од 1,2,5,10 и 50 денари.

Банкнотите од 10, 50 и 100 денари се печатени во земјава, додека банкнотите од 500, 1000 и 5000 денари (издание 1996 година), се печатени во „Thomas De La Rue“ во Лондон. Последното издание на банкнотите од 500 и 1000 денари од 2003 година е исто така изработено во TDLR. Монетите се ковани во ковалницата „Сувенир“ во Самоков и се ликовно и техничко решение на Димче Бошкоски и Снежана Атанасова, вработени во ковалницата.

Македонските банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, инталјио печат, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.