260 денари ја скараа Владата со синдикалците


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Законското усогласување на минималецот за власта историско, за синдикатите недоволно. Овој месец работниците кои земаат минимална плата ќе добијат зголемување од 260 денари, односно минималецот ќе изнесува 15 194 денари, поради усогласувањето кое се случува секоја година во март според трошоците на живот, растот на минималецот и БДП.

Според вицепремиерот Битиќи овој раст во време на криза е историски чин, дополнително зголемување годинава не е предвидено, но власта ќе се стреми минималецот да достигне 18 илјади денари.

„Ние вчера имавме историски момент.“ / „Направивме исчекор според кој имаме зголемување на минималната плата од 1,7 отсто и тоа е за поздравување, затоа што податоците укажуваат дека треба да се прилагоди минималната плата со критериумите, но искрено мораме да сфатиме дека владеењето на правото почнува од нас самите. Не можеме заради политички поени кога законот пропишува одредени критериуми да ги занемариме “ изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања

Синдикатите пак не се согласуваат БДП да влезе во пресметката бидејќи поради кризата годинава беше во минус. Бараат минималецот да изнесува 60% од просечната плата.

„Да зборуваме за зголемување на 200 денари на миниммалната плата во ек на оваа пандемија каде работникот е осиромашен е смешно и е апсурд и затоа бараме минималната плата да биде најмалку 60% од просечната плата во овој момент.“ изјави Благоја Ралповски, претседател на КСС

Власта и синдикатите не успеаја да се договорат ниту за најавениот проект „недела неработен ден“, кој ќе се спроведува од наредната година. Предвидено е да бидат опфатени 39 дејности, но според синдикатите неделата треба да биде неработна за сите без исклучок, а оние работници кои ќе работат во недела да добијат повисока дневница.