100 години од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


По повод стогодишнината од раѓањето на народниот херој Кире Гаврилоски-Јане, денеска делегации од Општина Прилеп, прилепската организација на Сојузот на борци, основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ и семејството на херојот, положија свежи цвеќиња на спомен бистата во Алејата на народните херои.

Пред споменикот до куќата каде што Кире Гаврилоски-Јане трагично загинал на 9 мај 1944 година почит му оддадоа и свежи цвежиња положија делегации од Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија Јованоски, претседателот на Советот на Општина Прилеп  Миле Талевски, прилепската организација на Сојуз на борци, семејството на Кире Гаврилоски, здруженија и претставници од основното училиште „Кире Гаврилоски – Јане“.

„Ми претставува особена чест и задоволство што оваа наша генерација на наставници и ученици ја имаме таа чест да ја прославиме 100 годишнината од раѓањето на нашиот патрон Кире Гаврилоски – Јане. Заедно со локалната самоуправа организиравме неколку активности, положување цвеќе, кратка пригодна програма со доделување на благодарници на нашите наградени ученици и нивните ментори и вечерва во градската библиотека „Вечер посветена на Кире Гаврилоски – Јане“, посочи Кети Стевананџија директорка на ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“.

Градоначалникот Илија Јованоски ја нагласи поддршката од Општина Прилеп во насока на создавање услови за непречена настава според европски стандарди во ова и сите други училишта во градот.

„Кире Гаврилоски –Јане е еден од десетмината народни херои од Прилеп кој со својата смрт покажа и докажа како треба да се сака и брани татковината. Тој остави аманет како треба да се почитува општеството и својата држава, а аманетот го потврдија и новите генерации, со своите знаења и учење“, рече градоначалникот Јованоски.

Прилепскиот историчар, Рубин Белчески пред спомен-плочата на загинатиот херој одржа историски час, посветен на ликот и делото на Кире Гаврилоски –Јане.

„Кире Гаврилоски се вбројува во позначајните историски ликови за Прилеп и Република Македонија. Тој целиот свој живот го посветил на ослободувањето на Македонија и уште како млад е учесник во разни организации, а она што го направил во тој временски период е подвиг на вечноста“, рече историчарот Белчески.

Чествувањето на 100 години од раѓањето  на Кире Гаврилоски – Јане продолжи во училиштето, кадешто на најдобрите ученици им беа доделени  пофалници, а Благојче Павлески е одбран за најдобар ученик во ОУ „Кире Гаврилоски – Јане“. Нему градоначалникот  Илија Јованоски  му додели ваучер од 10.000 денари и диплома за постигнатите успеси во досегашното образование и промоција на училиштето и градот на државните натпревари.

„Благојче важи за сестрано дете, кое има добиено голем број на награди од областа на информатиката, математиката, ликовно образование, хемја, физика, музичко и токму поради тоа е одбран да биде најдобар ученик“, велат наставниците на овој ученик.

„Пред сè сакам да се заблагодарам за наградата, јас како натпреварувач по физика, информатика и математика сакам да им се заблагодарам на Општина Прилеп и државните институции кои што ги организираат овие натпревари и на наставниците што ме подготвуваат за нив. Чувството е прекрасно, а за понатаму сакам да продолжам со учење во ‘ИТ’ делот, а сакам да студирам на некој од познатите универзитети“, рече Благојче Павлески.

Вечерва по повод 100 години од раѓањето на Кире Гаврилоски – Јане во просториите на градската библиотека „Борка Талески“ ќе се одржи „Вечер посветена на херојот.