Земјоделието ќе биде клучен фактор за излез од економската криза после коронавирусот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


За земјите од Западен Балкан од клучно значење е зачувувањето на домашното земјоделско производство заради побрзо заживување на националните економии.

При намалени приходи на населението, обезбедувањето со домашно земјоделско производство ќе овозможи и зачувување на животниот стандард на граѓаните што останаа без работа со затворањето на услужниот и туристичкиот сектор, пишува Нова Македонија.

Земјоделскиот сектор, кој постојано се соочуваше со недостиг од работна сила, може да апсорбира и добар дел од вишокот на работници што се појави на пазарот на трудот. На тоа посочија и високи функционери во Европската Унија, кои им препорачаа на луѓето што останале без своите работни места да се вклучат во земјоделската дејност, во која само во овој момент во ЕУ недостигаат околу 300.000 работници.

Во оваа насока сѐ повеќе се размислува и во земјите од Западен Балкан, заради одржување на домашното земјоделско производство, преку побрзо отворање на зелените пазари, за да може илјадници земјоделци и ситни производители да остваруваат сопствени приходи од продажбата на зеленчук, овошје, цвеќиња и производи од млеко…
Потпретседателот на Народната партија и пратеник во српското собрание Мирослав Алексиќ побара од министерот за земјоделство Бранислав Недимовиќ итно да ги отвори кванташките пазари и малите зелени пазари, за да се спаси раноградинарското земјоделско производство, а земјоделците да ги избегнат високите штети поради намалената потрошувачка и ограниченото движење на граѓаните.

– Не е нормално граѓаните да можат да пазарат на затворен простор во самопослугите, а да не можат да го прават тоа на отворените пазари, со сите неопходни мерки на заштита. Државата мора суштински да им помогне на земјоделците, затоа што таа им воведе мерки со кои се спречени да ги продаваат своите производи и затоа ќе претрпат големи штети. Ако претприемачите можеа да добијат по 30.000 динари за своите работници месечно, нема причина оваа буџетска политика да не се однесува и за земјоделските стопанства. Неопходна е итна државна субвенција од 80.000 динари за сите што имаат пријавено производство под пластеници – вели Алексиќ.

Како мерка се предлага и Агенцијата за државни резерви да ги откупува пазарните вишоци на земјоделското производство, поради замирање на угостителскиот и хотелиерскиот сектор во земјата. Исто така, се бара и воведување поевтина нафта за српските земјоделци, затоа што тие плаќаат највисока цена во околните земји
Помошта од државниот пакет мерки за отстранување на последиците од пандемијата на коронавирусот, засега е само во најава. Со неа се предвидува да бидат опфатени 450 илјади регистрирани земјоделски стопанства, но не се прецизирани видот и начинот на поддршката. Планот за мерки не е завршен, бидејќи структурата на земјоделските субјекти е сложена. Треба да се направи разлика од земјоделците што се вклучени или не во кооперација – изјави Вељко Јовановиќ од Стопанската комора на Србија.

Меѓу можните мерки се споменуваат помош во саден материјал, олеснување за набавка на гориво и одложување или отпис на дел од финансиските обврски. Околу 70.000 регистрирани земјоделски стопанства што дејствуваат како правни лица ќе можат да го користат пакетот мерки наменет за сите стопански субјекти во Србија.
Од последиците на коронавирусот во Црна Гора најмногу се погодени селските домаќинства, кои беа насочени кон угостителско-туристичкиот сектор и развојот на селскиот туризам.
– Годинава ќе биде катастрофална за сите земјоделци. Се подготвувавме за најдобро, а очекуваме најлошо. Се обидуваме да се приспособиме на новата состојба и планираме да отвориме мала фарма за несилки и да продаваме јајца за домашниот пазар – вели Милан Мијајловиќ од селото Под Острог, во Општина Даниловград, во централна Црна Гора.

Од црногорскиот премиер Душко Марковиќ беше презентиран пакетот мерки за економско заздравување на стопанството, а дел ќе биде насочен и за поддршка на земјоделците.

– Од земјоделското производство очекуваме силен придонес за оживување на економските активности. Одлучивме да дадеме еднократна помош за рибарите, поддршка за купување на домашните производи, плаќање на производителите во рок од 15 дена, поволни кредити и грејс-период за отплата на кредитите – изјави Марковиќ, кој рече дека агробуџетот за 2020 година изнесува 61 милион евра.

Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, во врска со ширењето на коронавирусот во нашата држава, ги соопшти препораките за земјоделците во услови на вонредна состојба.

– Се наоѓаме во вонредна состојба, но тоа не значи дека треба да запрат земјоделските активности и работата на Министерството и другите надлежни институции во делот на сервисирање на услугите кон земјоделците. Платежната агенција и во овој период, како и досега, продолжува со редовна исплата на субвенции.
МЗШВ интензивно работи на наоѓање решение за откупот на јагнето.

Пред велигденските празници извозот во Италија се одвива забавено, поради проблемот со транспортот. Од безбедносни причини, сточните пазари во моментов се затворени. Земјоделските производи на зелените пазари може да се продаваат, но, секако, важно е да се почитуваат препораките на Владата, во делот на одржување хигиена, почитување на пропишаното растојание од еден метар. Како мерка што се посочува е и обезбедување евтина нафта за земјоделците, а на регистрираните фирми за земјоделско производство и преработка на храна им стојат на располагање пакетот мерки што ги донесе Владата за намалување на економските последици од епидемијата на коронавирусот.