Земал мито: Уапсен државниот секретар на Министерството за информатичко општество


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Денес, изутрина, по налог издаден од обвинителката за организиран криминал, Вилма Русковска, беше уапсен државниот секретар во Министерството за информатичко општество, кадар на ДУИ, Јахи Јахија. Јахија е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластувања и за земање провизија од добиен тендер.

Тој и поранешен раководител на одделение во министерството се сомничат за примање поткуп при избор на компанија за спроведување на проект финансиран од ИПА фондовите. Италијанска фирма од јуни 2014 до август 2015 година во три наврати на осомничените им платила патувања во странство кои изнесувале 7.000 евра со цел пристап до доверливите тендерски информации.

Со тоа, според соопштението, осомничените овозможиле италијанската фирма да биде избрана на тендерот и да го спроведува ИПА проектот за што бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра. Според наводите во истрагата, како награда првоосомничениот во два наврати примил 37.930 евра, а второосомничениот примил 2.500 евра.

Надлежниот обвинител побарал притвор за Јахија, а второосомничениот во моментот не се наоѓа во државата. Акцијата е спроведена во координација со италијанското обвинителство од Милано и со поддршка на „ОЛАФ“ и „ЕУРОПРАВДА“.