Започнаа референдумите со кои Русија сака да анектира 15% од територијата на Украина


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Во четирите украински области, чии поголеми делови се контролирани од Москва и проруските сили, но делови уште се под контрола на Украина, започна гласањето на референдумите за приклучување кон Русија, референдуми кои Западот ги осуди како нелегитимни и лажни и оцени дека тие се организираат за потоа да следи и нивна нелегална анексија.

Станува збор за регионите Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје, а агенцијата „Франс прес“ јавува дека гласањето кое треба да трае до 27 септември, утрово започнало во 5 часот по средноевропско време. Плановите за спроведување на референдум од проруските лидери беа објавени во вторникот, а веднаш потоа и Украина и целиот демократски свет јасно ставија до знаење дека нема да ги признаат резултатите.

Четирите региони каде се спроведува гласањето претставуваат околу 15 отсто од украинската територија, а за исходот од референдумите, како што наведува „Ројтерс“, веќе однапред се очекува да биде во корист на анексијата.

Спроведување референдуми со месеци наназад се споменуваше од страна на проруските сили, меѓутоа неодамнешните успеси на Украина која спроведе контраофанзива и врати под своја контрола големи делови од окупираната територија ги поттикнаа властите контролирани од Русија да го закажат гласањето.